СЕСТРА ЉУПКА МИХАЈЛОСКА ОСТВАРИ НАЈДОБРИ РЕЗУЛТАТИ НА АПЛИКАЦИЈАТА „COACH“

30.05.2024

 СЕСТРИНСТВОТО Е БЛАГОРОДНА ПРОФЕСИЈА И E МОТИВ ЗА ПОСТОЈАНО УСОВРШУВАЊЕ
 
„Вашето знаење, искуство и срце ве водат напред, вие ја имате моќта да го промените светот“ е пораката на Љупка Михајлоска, одговорна медицинска сестра на Одделот за дијагностичка и интервентна радиологија, онкологија и нуклеарна медицина, која работи во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ уште од самото отворање. Со гордост најавуваме дека таа доби награда и благодарница за остварени најдобри резултати во апликацијата „Coach“, софтверска алатка преку која вработените се натпреваруваат и ги споредуваат сопствените знаења и вештини.
 
 „Coach-апликацијата за микроучење има за цел да го направи процесот на учење поефикасен и поедноставен. Обуките се поделени на кратки сегменти што се лесно разбирливи. Содржи интерактивни квизови, тренинзи и  елементи на игра за да го направи учењето позабавно и мотивирачко (награди, значки, рангови). Достапна е и за мобилни уреди што овозможува учење во секое време и од каде било“, вели Љупка.
 
Мотивот за постигнување најдобри резултати во апликацијата „Coach“, како што вели сестра Љупка, е желбата да се научи нешто повеќе и секогаш да се работи на сопствениот развој.
 
„Како и мнозинството, и мене ме мотивираше желбата за личен развој, односно желбата да се подобрат сопственото знаење и вештини, желбата да се биде подобар, остварување на поставените цели и задачи, подобрување на меморијата, т.е. развој на когнитивните способности преку редовно учење и секако, задоволството од процесот на учење и стекнување нови знаења“, вели Љупка.
 
 
Љупка е дел од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ уште од самото отворање, а во областа на дијагностичка и интервентна радиологија е 27 години. Таа вели дека предизвикот да се биде одговорна сестра е огромен, а одговорноста е уште поголема, па затоа е потребна континуирана лична едукација.
 
„Голема е листата на секојдневните задачи што ги извршува одговорната сестра, започнувајќи од организација на одделот за тековна дневна работа, координација на сите учесници во тимот, комуникација и подготовка на пациентите, како и грижата за одржување на константно високо ниво на квалитет на целиот работен процес. Сите овие активности бараат континуирана лична едукација, постојано приспособување на новонастанати ситуации и решавање на предизвици во рамки на поставените цели. За мене е особено  важен  трансферот на знаења и вештини на сите учесници во тимот, со цел постојано одржување високо ниво на квалитет на грижата за пациентите. Одговорната сестра претставува модел за професионално, тимско и пред сѐ, човечко однесување“, вели Љупка.
 
Благодарницата и наградата на медицинската сестра Љупка и ја врачија главната сестра Билјана Дилевска и Марија Капетановска, директор за човечки ресурси
Предизвиците со кои ќе се соочувате во текот на својата работа ќе ги тестираат вашето знаење, вештини и човечност, вели сестра Љупка, која испрати моќна порака до своите колешки за оваа хумана професија.

Вашата работа често ќе биде невидлива и неретко незабележана, но никогаш неважна. Секоја насмевка, секој збор за утеха, секоја помош во закрепнувањето на пациентите е непроценлива. Запомнете дека секоја минута помината со пациентот е драгоцена. Вашето присуство може да значи разлика помеѓу очај и надеж, помеѓу болка и олеснување. Секогаш настојувајте да бидете светла точка во деновите на оние што имаат потреба од вашата грижа. Со вашата професионалност и човечност ќе помагате да се изградат мостови на доверба, топлина и сигурност. Можеби ќе се чувствувате уморни и ќе се сомневате во вашиот пат. Но знајте дека не сте сами. Ќе имате поддршка од вашите колеги, кои ги разбираат вашите предизвици и се подготвени да помогнат“, вели сестра Љупка.
Таа порача дека секој ден е нова можност за развој, учење и ширење позитивна енергија.
 
 
 

Copyright © 2025 Developed by Unet All rights reserved.