Нова процедура во третманот на артроскопската реконструкција на руптура на преден вкрстен лигамент на коленото по методата на ArthrexRT (all inside), воведе д-р Борислав Илиев во „Аџибадем Систина“. Процедурата беше воведена за првпат во приватна болница во земјава и д-р Илиев ја воведе самостојно благодарение на претходното хируршко долгогодишно искуство во работата со повреди на коленото, а како резултат на неколкумесечна подготовка и посета на неколку центри во Минхен и Загреб. Методата првпат беше применета на 27 декември годинава.
„Предноста на методата се состои во зачувување на интегритетот на коската, интервенцијата трае пократко, се користи само една тетива, додека во претходните процедури се користеа две тетиви, а скратено е и времето на рехабилитација. При оваа метода има помал процент на компликации, но се добива и поголема цврстина на коленото“, вели д-р Илиев.
Оваа метода се препорачува кај пациенти со скинат преден или заден вкрстен лигамент на коленото. Возраста не игра улога, но препорачлива е кај млади пациенти со недовршен раст поради отворени зони на раст. Постои опасност при користењето на друга метода да го наруши растот на коската па токму поради тоа оваа метода се користи и кај помлади пациенти на возраст од 12 до 13 години.
„Идеална метода е кај ревизионите процедури, а тоа значи претходно направена оперативна интервенција поради скинат преден вкрстен лигамент која завршила неуспешно или, пак, се случила нова повреда“, вели д-р Илиев.