По два месеца поминатa во инвалидска количка, секојдневjето на Хилда Трајкова станало вистински предизвик. Имплантот на коленото, кој ѝ бил вграден пред повеќе години, со текот на времето се разлабавил, предизвикувајќи ѝ сериозни проблеми со движењето. Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ пристигнала во инвалидска количка, со надеж дека повторно ќе може да застане на свои нозе.
По прегледот и направените испитувања, решението го пронашла кај проф. д-р Виктор Камнар, кој проценил дека е потребна повторна операција на коленото. Станувало збор за сериозна компликација на претходно вградената протеза, која барала посебен хируршки пристап и употреба на специјален имплант.
„Не знам како ќе завршев ако не беше д-р Камнар. Благодарение на него, денес се движам без никаков проблем и можам самостојно да ги извршувам сите секојдневни обврски. Повторно го живеам животот нормално и тоа за мене значи многу“, раскажува Хилда.

Сложена операција за повторно враќање на функцијата на коленото
За комплексноста на интервенцијата и постигнатиот резултат, говори и проф. д-р Виктор Камнар, кој објаснува дека станува збор за една од посложените ревизиски операции на колено.
„Ова е една од поретките операции, пред сè, поради комплексноста на имплантот, но и на самата хируршка интервенција. Станува збор за ревизија на претходно вградена протеза на колено, при што беше потребно отстранување на старата протеза и поставување специјална, таканаречена заклучувачка протеза. Ова е една од најтешките компликации што можат да се појават по примарна артропластика на колено и бара големо искуство и прецизност при изведувањето на операцијата“, објаснува проф. д-р Камнар.
Операцијата поминала успешно, а закрепнувањето донело резултат што за Хилда значи многу повеќе од медицински успех. Само три месеци по интервенцијата, таа веќе се движи самостојно, без помагала, со уредно зарасната оперативна рана и значително подобрен квалитет на живот.
„Кога првпат дојде кај нас, пациентката беше во инвалидска количка. Беше многу мотивирана што побргу да се реши проблемот, бидејќи сакаше повторно да може да функционира нормално. Денес, по три месеци, таа се движи без помагала и резултатот е одличен. Задоволен сум од текот на лекувањето и од постигнатиот исход“, додава проф. д-р Камнар.
За Хилда, оваа операција не значела само решавање на проблемот со коленото, туку и враќање на слободата, сигурноста и можноста повторно да ги извршува работите што претходно ги правела без размислување.
Нејзиното искуство е уште една потврда дека и најсложените ортопедски состојби можат успешно да се третираат со соодветна процена, современи хируршки техники и искуство на медицинскиот тим.