ДОКТОРИТЕ ОД „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ СО ЕДУКАТИВНИ ПРЕДАВАЊА ЗА МАШКОТО ЗДРАВЈЕ

ДОКТОРИТЕ ОД „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ СО ЕДУКАТИВНИ ПРЕДАВАЊА ЗА МАШКОТО ЗДРАВЈЕ

12.11.2026

По повод ноември - месецот посветен на машкото здравје, докторите од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ одржаа едукативни предавања за вработените во компанијата „Концентрикс“, со цел подигнување на свеста за важноста на превенцијата, раното откривање на заболувањата и редовната грижа за физичкото и менталното здравје на мажите.

Д-р Владимир Лозановски, специјалист по уролошка хирургија, на предавањето на тема „Зошто зборуваме за машкото здравје?“ се осврна на најчестите здравствени предизвици со кои се соочува современиот маж. Тој истакна дека кардиоваскуларните и малигните заболувања, метаболниот синдром, како и нарушувањата на менталното здравје, претставуваат сериозни ризици што не смеат да се занемарат. Посебен акцент беше ставен на значењето на навремените превентивни прегледи, бидејќи раното откривање на заболувањата директно влијае врз успешноста на лекувањето и квалитетот на животот.

За улогата на тестостеронот во различните животни периоди кај мажите говореше д-р Надица Божиновска-Димова, специјалист по ендокринологија. Таа ги објасни природните промени во нивото на тестостерон во текот на животот, неговото влијание врз физичкото и психичкото здравје, како и ризиците од неконтролираната употреба на анаболни стероиди. Притоа, нагласи дека мускулестиот изглед не е секогаш показател за добро здравје и дека употребата на анаболни стероиди може да го потисне природното производство на тестостерон во организмот.

Преку овие едукативни предавања, присутните имаа можност да добијат стручни и корисни информации за најважните аспекти на машкото здравје, факторите на ризик и начините за превенција. Главната порака беше дека грижата за здравјето треба да биде континуирана, а не да започнува дури со појавата на првите симптоми. Со ваквите активности, Клиничката болница „Аџибадем Систина“ ја продолжува својата посветеност на здравствената едукација и подигнувањето на јавната свест за значењето на превентивната медицина.

Бидејќи грижата за здравјето не е само лична одговорност - таа е и начин да покажеме грижа едни за други. 

Copyright © 2026 Developed by Unet All rights reserved.