Проф. д-р Андреј Петров, специјалист по дерматовенерологија, учествуваше како предавач на 25. Белградски дерматолошки денови, кои се одржаа од 5 до 7 ноември во Белград. Станува збор за национален конгрес со меѓународно учество, кој претставува еден од значајните регионални стручни собири посветени на современата дерматологија.
Во рамки на научната програма, проф. д-р Петров одржа предавање на тема „Комбиниран третман на вените на нозете со Nd ласер и IPL (интензивна пулсирачка светлина)“, при што ги претстави современите пристапи и можностите за примена на овие технологии во третманот на површинските васкуларни промени на долните екстремитети. Конгресот беше можност за размена на стручни знаења, искуства и најнови достигнувања во областа на дерматологијата, како и за унапредување на меѓународната соработка меѓу специјалистите.
Со своето учество на вакви значајни меѓународни стручни собири, докторите од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ продолжуваат активно да придонесуваат кон размената на знаења и следењето на современите медицински достигнувања.