СО СОЛЗИ РАДОСНИЦИ И МНОГУ ЕМОЦИИ, КОЛЕГИТЕ ЈА ИСПРАТИЈА МИРКА ВО ЗАСЛУЖЕНА ПЕНЗИЈА

СО СОЛЗИ РАДОСНИЦИ И МНОГУ ЕМОЦИИ, КОЛЕГИТЕ ЈА ИСПРАТИЈА МИРКА ВО ЗАСЛУЖЕНА ПЕНЗИЈА

09.10.2026

Повеќе од 15 години посветеност, безброј спомени, искрени пријателства и многу љубов кон работата. Со солзи радосници, топли прегратки и искрени зборови на благодарност, вработените на Одделот за онкологија и радиотерапија ја испратија во заслужена пензија својата драга колешка болничарката Мирјана Трајковска, за сите позната како Мирка.

Мирка помина повеќе од 15 години од својот работен век во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Својата професионална приказна ја започна во хируршките амбуланти, а во последните 12 години беше неизоставен дел од тимот на Одделот за онкологија и радиотерапија. По толку години поминати во болничките ходници, со насмевка вели дека денес може и со затворени очи да ја прошета целата болница.

Но, она по што Мирка ќе остане најмногу запаметена не се само годините работен стаж, туку нејзината добрина, човечност и несебична грижа за другите. За колегите таа беше многу повеќе - беше човек секогаш подготвен да сослуша, да даде добар совет, да помогне и да внесе топлина дури и во најтешките работни денови.

Посветена, вредна и одговорна, Мирка со својата непосредност и искреност ги освои срцата на сите околу себе. Колегите ја сакаа и почитуваа, а пациентите ја обожаваа. Особено на оддел каде што секој збор на поддршка, секоја насмевка и секој мал гест на внимание имаат огромно значење, нејзината човечност оставаше неизбришлива трага.

„Од Мирка ќе ни останат само убави спомени“, велат лекарите и колегите, за кои нејзиното заминување во пензија значи разделба од личност која со години беше дел од нивното секојдневје, но и од едно големо болничко семејство.

Покрај посветеноста на работата, Мирка отсекогаш имала и голема љубов кон спортот. Нејзината спортска приказна започнала со ракометот, а подоцна тренирала и фудбал, каде што постигнала исклучителни успеси и оставила значајна трага во македонскиот женски фудбал.

На нејзините спортски успеси, но и на извонредните човечки и професионални квалитети, со особена гордост се присетува и д-р Никола Панчевски, кој ја вработил во „Аџибадем Систина“ во периодот кога ја извршувал функцијата медицински директор.

„Со Мирка се запознавме преку ракометот, а таа подоцна стана една од најдобрите фудбалерки во поранешна Југославија. Она што беше Дарко Панчев за машкиот фудбал, тоа беше Мирка за женскиот. Како врвен центарфор, таа заслужено влезе во антологијата на македонскиот фудбал. Но, покрај спортските успеси, Мирка ја красат исклучителни човечки особини. Сите професионални обврски ги извршуваше беспрекорно, со голема посветеност, одговорност и идеален однос кон колегите и пациентите. Таа е комплетна личност, искрен другар каков што секој би посакал да има покрај себе. Со својата човечност и професионалност остави траен белег во нашата болница и повеќе од заслужено заминува во пензија“, вели д-р Панчевски.

Сега, кога започнува ново животно поглавје, ја очекува една од најубавите улоги - да поминува повеќе време со својата две и полгодишна внука Инес, која сигурно ќе биде најголемата радост во нејзините пензионерски денови.

Со солзи во очите, Мирка вели дека од „Аџибадем Систина“ понесува само убави спомени. Благодарна е за годините поминати во болницата, за колегите со кои делела и радости и предизвици, како и за поддршката од менаџментот низ сите овие години.

Уживај во заслужената пензија!

    

Copyright © 2026 Developed by Unet All rights reserved.