Д-р мед. науки Жарко Христовски и д-р Иван Трајков, специјалисти по кардиологија, од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ беа дел од второто издание на Регионалната школа за срцева слабост, која се одржа од 17 до 19 септември во Скопје. Овој значаен регионален настан обедини кардиолози и експерти од земјата и Балканот, со цел размена на знаења, искуства и најнови достигнувања во дијагностиката и третманот на срцевата слабост.
Во рамките на стручната програма, д-р Иван Трајков беше модератор на сесијата „Аритмии и кардиомиопатии“, додека д-р Жарко Христовски одржа предавање на тема „Кардиоген шок по акутен миокарден инфаркт – современ третман и прогноза“. Со своето учество, двајцата доктори дадоа придонес во стручната дискусија и размената на искуства за современите пристапи во лекувањето на комплексните кардиоваскуларни состојби.
Во фокусот на тридневната едукативна програма беа најновите препораки за дијагностика и третман на срцевата слабост, современите терапевтски пристапи, интерактивната и практичната едукација, како и презентацијата на најновите интервентни процедури. Школата претставува значајна платформа за унапредување на стручните знаења и вештини на медицинските професионалци, зајакнување на регионалната соработка и подобрување на квалитетот на здравствената грижа за пациентите со срцева слабост.
Учеството на д-р Христовски и д-р Трајков на овој регионален стручен собир ја потврдува посветеноста на Клиничката болница „Аџибадем Систина“ кон континуираната медицинска едукација, размената на меѓународни искуства и примената на современите медицински достигнувања во секојдневната клиничка практика.

Регионалната школа за срцева слабост, која втора година по ред се организира во Скопје, се одржа во организација на Македонското здружение по кардиологија, со поддршка на Стопанската комора и во соработка со Европското кардиолошко здружение и Европската асоцијација за срцева слабост.
Copyright © 2026 Developed by Unet All rights reserved.