„МОРЕ ОД СВЕТЛИНИ“ - РАБОТИЛНИЦА ШТО ГИ СПОИ ДЕТСКИТЕ СРЦА ПРЕКУ УМЕТНОСТА И ЕМОЦИИТЕ

„МОРЕ ОД СВЕТЛИНИ“ - РАБОТИЛНИЦА ШТО ГИ СПОИ ДЕТСКИТЕ СРЦА ПРЕКУ УМЕТНОСТА И ЕМОЦИИТЕ

21.09.2026

Насмевки, прегратки, искрени емоции и многу љубов ја исполнија работилницата „Море од светлини“, која се одржа викендов во организација на Здружението за унапредување на општествени појави „Ние се грижиме“, под креативното водство на младата македонска уметница Олимпија Камчева-Стојческа, со стручна поддршка на м-р Соња Јордановска-Цацаноска, дефектолог во Клиничката болница „Аџибадем Систина“.

Во атмосфера исполнета со радост и детска креативност, децата со типичен и атипичен развој заедно изработуваа мали светулки, давајќи им живот преку боите, изразите и емоциите. Преку игра и уметност, малите уметници имаа можност слободно да ја изразат својата фантазија, да ги препознаат и претстават своите чувства и да го откријат богатството на различностите. Со креативниот пристап, топлината и трпението на Олимпија Камчева-Стојческа и посветената грижа и стручна поддршка на м-р Соња Јордановска-Цацаноска, беше создаден простор во кој секое дете можеше да се почувствува прифатено, охрабрено и инспирирано да твори. Секоја светулка раскажа своја приказна, секоја насмевка донесе нова радост, а секоја прегратка потсети дека најубавите нешта се создаваат кога сме заедно.
 
„Море од светлини“ беше многу повеќе од ликовна работилница. Беше место каде што различностите станаа наша заедничка сила, а уметноста - јазик што сите го разбираме. Место каде што секое дете имаше можност да блесне на свој начин и да остави свој мал, но значаен светол траг. Затоа што инклузивната иднина ја создаваме заедно, со разбирање, прифаќање и љубов. А понекогаш, за да го осветлиме светот, доволна е само една мала светулка.

Copyright © 2026 Developed by Unet All rights reserved.