По двете успешно изведени хируршки интервенции за вградување на кохлеарен имплант, во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ успешно е реализирана и третата ваква интервенција кај двегодишно дете.
вој хируршки зафат претставува значаен чекор во третманот на деца со тешко оштетување на слухот. Кохлеарниот имплант е современо медицинско решение кое овозможува пристап до звукот кај пациенти со сериозно оштетување на слухот, создавајќи услови за развој на говорот и подобра комуникација со околината. Според д-р Македонка Гарванлиева-Николова, специјалист по оториноларингологија, навремената дијагноза и соодветниот третман се клучни за успешен исход.
„Со навремено поставена дијагноза, правилен третман и континуирана рехабилитација, многу деца со кохлеарен имплант имаат можност успешно да комуницираат и активно да се вклучат во секојдневниот живот“, истакнува д-р Гарванлиева-Николова.
МАЛЕЧКАТА МИЛА ДОБИ ШАНСА ДА ГО СЛУШНЕ СВЕТОТ ОКОЛУ СЕБЕ
Родителите на Мила првпат забележале дека нивната ќерка можеби има проблем со слухот кога имала околу 16 месеци. Во тој период говорот не се развивал како што очекувале, но тие се надевале дека можеби подоцна ќе започне да зборува.
„Кај Мила говорот не се развиваше, но се надевавме дека можеби подоцна ќе прозборува. Имаше неколку зборчиња, како ‘мама’ и ‘ам’ за јадење, но нови зборови не се појавуваа. Како бебе имитираше едноставни звуци низ игра. Ситуацијата беше збунувачка за нас како родители, бидејќи често ги извршуваше нашите инструкции, играше на музика и учествуваше во активности со други деца. Подоцна сфативме дека Мила многу добро се снаоѓала благодарение на имитацијата на луѓето околу неа и читањето од уста“, раскажуваат нејзините родители.
По првичните сомнежи, тие започнале со низа испитувања. Во Скопје биле направени неколку неуспешни скрининзи за слух. Со оглед на тоа што времето е исклучително важно во ваквите случаи, семејството се одлучило за БЕРА-тестирање во Белград за да се утврди точниот степен на оштетување на слухот. Одговори на многу од нивните прашања добиле од проф. д-р Драган Данкуц во Нови Сад, кој им помогнал подобро да ги разберат состојбата и можностите за понатамошен третман.
Како и кај секој родител, стравот пред операцијата бил голем. Сепак, тие биле решени што побргу да ја направат интервенцијата за да ѝ помогнат на својата ќерка да слуша. Одлучиле операцијата да се изведе во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, каде што тимот хирурзи по оториноларингологија веќе имал успешно реализирано две вакви имплантации.
„Операцијата траеше околу два и пол часа. Првиот ден Мила беше поспана и плачлива, што е очекувано по ваква интервенција. Но веќе следниот ден беше подготвена за игра и полна со енергија. Искрено сме благодарни на целиот тим што учествуваше во операцијата, а особено на д-р Македонка Гарванлиева-Николова. Голема благодарност упатуваме и до персоналот од одделите за хирургија и педијатрија за грижата, поддршката и вниманието што ѝ го посветија на Мила“, велат родителите.
Еден месец по операцијата следувало активирањето на имплантот. Родителите велат дека Мила добро реагира на звуците и веќе редовно посетува рехабилитација.
„Веднаш по активирањето на имплантот, Мила започна со рехабилитација. Посетува часови петпати неделно, секое утро по 90 минути, а потоа продолжува во градинка. И дома секојдневно вежбаме, пееме, читаме книги и ја запознаваме со нови звуци. По речиси два месеца од активирањето, веќе забележуваме дека реагира на некои звуци и се обидува да ги повторува“, велат родителите.
Кохлеарните импланти се мали електронски уреди кои можат значително да го подобрат слухот. Тие им помагаат на децата со вродена глувост или на оние што го изгубиле слухот во првите месеци од животот (прелингвална глувост) да слушаат и постепено да го развијат говорот. Овој тип имплант може да се применува и кај возрасни лица со постлингвална глувост, односно кај лица што го изгубиле слухот откако веќе го развиле говорот.
„Хируршката постапка подразбира трајно, доживотно вградување електрода во кохлеата на внатрешното уво. Целиот процес опфаќа повеќе фази, почнувајќи од дијагностички процедури и проценка на степенот на оштетување на слухот, до селекција на кандидати за интервенцијата, како и предоперативна и постоперативна рехабилитација со редовно и прецизно приспособување на системот“, објаснува д-р Гарванлиева-Николова.
Правилната проценка, доброизведената хируршка процедура и континуираната рехабилитација се клучни за успешен исход. Кохлеарниот имплант значително го менува начинот на кој пациентите го доживуваат светот околу себе и може значително да го подобри квалитетот на животот – било да станува збор за дете кое штотуку го развива говорот или за возрасна личност која сака повторно да воспостави комуникација со својата околина.
Copyright © 2026 Developed by Unet All rights reserved.