Осмиот конгрес по ургентна медицина IMRUA 2026 се одржа во Марибор, во периодот од 23 до 25 април, обединувајќи 213 учесници од 33 земји и 13 предавачи. Настанот претставуваше значајна платформа за размена на знаење, искуства и современи практики во областа на ургентната медицина.
Претставници од нашиот медицински тим беа: Маја Атанасовска, специјалист по интензивна нега, која активно учествуваше со презентација на тема: „Симулациски тренинг како алатка за подобрување на клиничката подготовка во итна медицина“, за која доби и сертификат како признание за нејзината важност во современите медицински обуки, како и в.м.с. Наташа Трајчевска од ангиосалите при Одделот за кардиологија и интерна медицина, која исто така беше дел од конгресот.
Преку предавања и практични работилници, фокусирани на реанимација, третман на критични состојби и симулациски тренинзи, беше потенцирано дека континуираната едукација и практичните вежби се клучни за навремена и квалитетна здравствена интервенција. Споделувањето знаење на меѓународна сцена, во друштво на врвни професионалци, претставува особена чест и значајно искуство.
Учеството на вакви меѓународни настани е јасен показател за посветеноста и континуираната заложба на „Аџибадем Систина“ за постојано стручно усовршување на медицинскиот кадар, следење на најсовремените трендови и примена на највисоките стандарди во грижата за пациентите.
Copyright © 2026 Developed by Unet All rights reserved.