Во организација на Клиничката болница „Аџибадем Систина“, на 22 април се одржа стручен состанок на тема „Радиотерапијата во Македонија - сегашност и иднина“. Настанот претставуваше значајна платформа за стручна едукација и продлабочување на соработката меѓу медицинските професионалци, со фокус на најновите трендови и предизвици во областа на онкологијата.
Состанокот собра голем број здравствени професионалци и експерти од областа на онкологијата, радиотерапијата и неврохирургијата, овозможувајќи размена на знаења и искуства за актуелните состојби и современите пристапи во третманот. Во рамки на настанот, свои предавања одржа тимот доктори од „Аџибадем Систина“, како и директорот на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, проф. д-р Игор Стојковски, кој се осврна на развојот и капацитетите на радиотерапијата во Македонија.
Состанокот беше акредитиран од Лекарската комора, а преку стручните излагања беше потенцирана важноста на мултидисциплинарниот пристап и континуираното унапредување на технологиите и знаењето, со цел постигнување подобри исходи во лекувањето на пациентите.
Како заклучок, учесниците се согласија дека ваквите стручни средби имаат клучна улога во унапредувањето на медицинската пракса и јакнењето на меѓуинституционалната соработка. Продолжувањето на ваквите иницијативи ќе придонесе за понатамошен развој на радиотерапијата во Македонија и подобрување на квалитетот на здравствената грижа за пациентите.
Copyright © 2026 Developed by Unet All rights reserved.