Аџибадем Систина

МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ – АНЕСТЕТИЧАРИ И ИНТЕНЗИВИСТИ ОД КБ „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ДЕЛ ОД III КОНГРЕС НА МЗМСАРИН

24.04.2026

Од 17 до 19 април 2026 година во Скопје се одржа III конгрес на Македонското здружение за анестезија, реанимација и интензивна нега (МЗМСАРИН), со меѓународно учество. Во рамки на конгресот беа презентирани 30 стручни предавања, презентации, работилница и стручна панел-дискусија.

Одговорната сестра на Одделот за анестезија, реанимација и интензивно лекување при КБ „Аџибадем Систина“, дипл. мед. сестра Марина Николоска, како и дипл. мед. сестра – специјалист анестетичар Андроники Бибовска, беа дел од Организацискиот и Стручниот одбор, додека 12 медицински сестри и техничари присуствуваа како слушатели.

Медицинската сестра за едукации и тренинзи, дипл. мед. сестра – специјалист анестетичар Андроники Бибовска, беше презентер на темата „Почетоците на употребата на вештачка интелигенција во едукацијата на медицинските сестри во Македонија – апликација Coach“. Станува збор за апликација која болницата ја користи за подобрување на знаењата на медицинските сестри и унапредување на работните процеси. Апликацијата е специјално креирана за потребите на болницата и е единствена во регионот. Темата предизвика голем интерес, бидејќи дел од апликацијата користи вештачка интелигенција и претставува пионерски чекор во едукацијата на медицинските сестри.

Како гостин предавач на конгресот се претстави и доц. д-р Дарко Саздов, специјалист по анестезија, реанимација и интензивно лекување, со темата „Пишување и објавување трудови во сестринската пракса“, која е особено актуелна и бара соодветна подготвеност и вештини.

Во продолжение беше организирана и панел-дискусија на истата тема, каде што Андроники Бибовска како модератор придонесе за квалитетна дебата меѓу еминентни доктори и медицински сестри од областа на анестезиологијата, реанимацијата и интензивното лекување.

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ е болница во која медицинските сестри и докторите заеднички изработуваат и објавуваат стручни трудови, што претставува показател за посветеноста и подготвеноста на институцијата да овозможи континуиран професионален развој и унапредување на академското усовршување на вработените. 

Copyright © 2026 Developed by Unet All rights reserved.