Аџибадем Систина

УЧЕНИЦИТЕ ОД ОСМУ „Д-Р ЈОВАН КАЛАУЗИ“ ОД БИТОЛА ВО ПОСЕТА НА „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“

05.03.2026

Учениците од III година од Општинското средно медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ од Битола реализираа едукативна посета на Клиничката болница „Аџибадем Систина“, каде што имаа можност одблиску да се запознаат со современиот начин на работа во една модерна здравствена установа.
 
Во рамки на посетата беа опфатени учениците од насоките медицински сестри, гинеколошко-акушерски сестри, фармацевтски техничари и лаборанти. Заедно со главните медицински сестри од повеќе оддели, направија обиколка низ болницата и се запознаа одблиску со организацијата на работата, врвната медицинска технологија, професионалниот медицински персонал и примената на современите протоколи во лекувањето на пациентите.
 
Како знак на благодарност за долгогодишната соработка, континуираната поддршка и придонесот во едукацијата и професионалниот развој на учениците, на Клиничката болница „Аџибадем Систина“ ѝ беше доделена благодарница од страна на училиштето.
 
Оваа посета е дел од наставната програма на учениците и претставува значајно искуство што дополнително ги мотивира во нивниот понатамошен образовен и професионален развој. Клиничката болница „Аџибадем Систина“ секогаш останува отворена за соработка и поддршка во едукацијата на идните здравствени работници.

Copyright © 2026 Developed by Unet All rights reserved.