Доц. д-р Билјана Чонеска-Јованова, специјалист по педијатрија – хемато-онколог, се здоби со признание за својот значаен придонес во иницијативата „Формално образование за болните деца“, насочена кон обезбедување континуитет во образованието на децата кои, поради здравствени причини, наставата ја следат во болнички услови.
Признанието претставува благодарност за нејзината посветеност, професионалност и искрена грижа за најмладите пациенти, како и за нејзината поддршка во создавањето услови образованието да остане достапно и за децата што се соочуваат со сериозни здравствени предизвици.
Иницијативата е дел од проект на Министерството за образование и наука во соработка со Министерството за здравство и НВО САНО, чија цел е да овозможи еднакви образовни можности и да испрати јасна порака дека болеста не смее да биде пречка за учење и личен развој.
Придонесот на доц. д-р Чонеска-Јованова претставува вистински пример за хуманост, визија и општествена одговорност, каде што медицинската грижа и образованието се обединуваат во интерес на децата и нивната иднина.