Првата бременост, и тоа со близнаци, за оваа мајка беше посебно животно искуство – исполнето со возбуда, радост, но и со доверба и сигурност благодарение на медицинскиот тим кој се грижеше за неа и нејзините бебиња.
Јон и Петре се нејзината прва бременост и првата двојна радост. Иако стануваше збор за високоризична бременост, која бараше внимателно и континуирано следење, таа помина во најдобар ред. Близнаците беа зачнати по природен пат, а бременоста ја водеше д-р Слободан Дракулевски, чија посветеност и поддршка ѝ овозможиле секој период од бременоста да го доживее со спокојство и доверба.
„Буквално уживав во бременоста. Имав огромна поддршка од д-р Дракулевски и неговата сестра Анета. Нивниот однос и постојаната поддршка ме правеа смирена и сигурна. Секако, огромна поддршка ми беше и сопругот, која за мене е од непроценливо значење“, раскажува Каја, мајката на Јон и Петре.
Почетокот на бременоста се совпаднал со летните месеци, кои ги поминале во природа, на планина, опкружени со чист воздух и релаксирана атмосфера. Особено убави спомени носи од вториот триместар, кога била активна, редовно пешачела и се чувствувала одлично.
„Понекогаш дури и заборавав дека носам две бебиња. Немав никакви компликации, сè беше уредно и континуирано следено, а навремено ги добивав сите потребни информации. Навистина се чувствував прекрасно“, додава таа.
По внимателното следење на бременоста, во договор со д-р Дракулевски било одлучено породувањето да се изврши со царски рез. Во меѓувреме, Каја почнала да чувствува благи болки, што било знак дека се приближува моментот за средба со најголемата љубов. Тој момент дошол на 5 ноември, кога бременоста достигнала 32. гестациска недела и еден ден.
Јон и Петре се родиле во одлична општа состојба, со родилна тежина од 1 870 и 1 690 грама. Превентивно, првиот ден добивале кислородна поддршка, но веќе следниот ден таа била прекината бидејќи бебињата дишеле самостојно.
Посебна благодарност мајката упатува и до д-р мед. науки Наташа Најдановска-Алулоска, која се грижела за близнаците уште од првиот ден, како и до целиот неонатолошки тим. Редовните информации, внимателниот пристап и топлината со која биле пречекани и згрижени бебињата ѝ дале дополнителна сигурност во деновите по породувањето.
„Од првиот момент знаев дека сум во раце на тим на кој можам целосно да му верувам. Многу ми значеше тоа што постојано бев информирана за состојбата на бебињата и што секогаш добивав навремена повратна информација. Сакам да им се заблагодарам на сите доктори и сестри за грижата, поддршката и посебниот однос. За една мајка, тоа навистина значи многу. Презадоволна сум од комплетниот третман и немам доволно зборови да ја изразам благодарноста“, вели таа.
По две недели поминати на Одделот за неонатална интензивна нега, исполнети со внимателна грижа, постојано следење и голема поддршка од медицинскиот тим, дојде моментот на кој мама и тато со нетрпение чекаа – Јон и Петре конечно да ги земат во прегратка и заедно да заминат дома. Двајца мали борци, две нови срца во семејството и бескрајна среќа за мама и тато.
Copyright © 2026 Developed by Unet All rights reserved.