АНА АНТОВСКА: ПЕРСОНАЛИЗИРАНАТА ДИЕТА Е РЕЦЕПТОТ ЗА УСПЕХОТ НА ВИОЛЕТА

АНА АНТОВСКА: ПЕРСОНАЛИЗИРАНАТА ДИЕТА Е РЕЦЕПТОТ ЗА УСПЕХОТ НА ВИОЛЕТА

22.10.2026

Понекогаш бројката на вагата е само еден мал дел од вистинската промена. Зад изгубените килограми може да стојат повторно освоени чекори, помалку болка, повеќе самодоверба, враќање на насмевката и чувството дека повторно можеш да му се радуваш на животот. Таква е приказната на 67-годишната Виолета Илиоска, која во период од само четири месеци успеала да намали 22 килограми. Но кога зборува за својот успех, Виолета најмалку зборува за килограмите. За неа најважни се силата што ѝ се вратила, можноста повторно да пешачи и да се движи самостојно и, како што самата вели, „враќањето на волјата за живот“. Зад промената стојат нејзината огромна дисциплина, но и континуираната поддршка и стручното водство од м-р Ана Антовска, нутриционист во „Аџибадем Систина“, кон која Виолета денес чувствува огромна благодарност.

ВИОЛЕТА ЕДВАЈ ПЕШАЧЕЛА 10 МЕТРИ, ДЕНЕС ПОМИНУВА 1 КМ БЕЗ ПРОБЛЕМ

Виолета зад себе има сериозно животно и здравствено искуство. Оперирана е од карцином на дојка, а токму поради претходните искуства долго време чувствувала страв од повторно одење во болница. Во последните пет години нејзината телесна тежина постепено се зголемила од околу 80 на 110 килограми. Со килограмите дошле и сè поголеми ограничувања во секојдневието.

„Имав страшни болки во ’рбетот и во колената. Едвај се движев и одев со бастун. Ќе поминев десет метри и веќе морав да седнам, а и тие десет метри ги поминував со голем напор и со задишување. Немав воздух. Стигнав до состојба во која практично не можев нормално да функционирам“, раскажува Виолета. Пресвртниот момент дошол кога нејзиниот син, кој живее во Англија, дошол во Македонија и ја видел состојбата во која се наоѓа. Без многу размислување, закажал прегледи во „Аџибадем Систина“ кај ортопед и кај м-р Ана Антовска. Виолета вели дека на првиот преглед не дошла со идеја дека мора да ослабе. Нејзината желба била многу поедноставна и во исто време многу поважна – повторно да има сила. „Јас не дојдов со мислата дека сакам да ослабам. Сакав некој да ми помогне да ми се врати силата, да можам повторно да функционирам како порано“, вели таа.

СЕКОЈ ПОНЕДЕЛНИК ВИОЛЕТА ДОБИВА СТРУЧНИ СОВЕТИ И ПОДДРШКА

Од првата средба, м-р Антовска поставила систем на редовно следење. Не станувало збор само за добивање план за исхрана и следна контрола по неколку месеци. Напротив, контактот бил континуиран.

„Ана ми рече: ‘Секој понеделник ќе ми се јавувате’. И јас веќе четири месеци секој понеделник се консултирам телефонски со неа. Ме ислушува, разговараме што се случувало во текот на неделата, заедно правиме план како да продолжиме. Таа ми беше главната поддршка“, вели Виолета. Промените не дошле преку ноќ. Но, од недела во недела, Виолета почнала да забележува нешто што за неа било поважно од бројката на вагата – силата полека се враќала. Денес, наместо едвај да помине десет метри со бастун, таа може да пешачи и по еден километар. Болките во ’рбетот и во колената се значително намалени, а секојдневното движење станало многу полесно.

„Ана ми го врати здравјето, ми ја врати силата. Ми ја врати волјата за живот. Сега пешачам и по еден километар, а пред тоа не можев ни десет метри да поминам. Не можам да опишам колку сум ѝ благодарна“, вели Виолета.

„Јадев и слабеев, ниту еднаш не почувствував глад.“

Еден од нејзините најголеми стравови бил дека режимот на исхрана ќе значи постојано гладување, забрани и откажување од храната. Но искуството било сосема поинакво. Планот што го добила бил приспособен на нејзината здравствена состојба, потребите на организмот и секојдневниот живот. Со текот на времето, начинот на исхрана почнало да го прифаќа и целото семејство.

„Режимот многу лесно се одржува. Дури ѝ велев на Ана: ‘Многу храна ми даваш’, а таа ми велеше: ‘Мораш да јадеш’. Значи, јадев и слабеев. Ниту еднаш не почувствував глад. Се научив да јадам здрава храна и тоа веќе не го чувствувам како режим. Тоа ми стана начин на живот. И ништо не ми недостига“, раскажува Виолета.

Токму тоа, според м-р Антовска, е една од клучните точки на правилниот нутритивен пристап, пациентот да не следи привремена рестриктивна диета, туку постепено да изгради навики што ќе може долгорочно да ги одржува.

ПЕРСОНАЛИЗИРАНАТА ДИЕТА Е РЕЦЕПТОТ ЗА УСПЕХОТ НА ВИОЛЕТА

 Виолета, покрај зголемената телесна тежина, има и други здравствени состојби што морале да бидат земени предвид при креирањето на планот. Има хипертензија за која прима терапија, користи терапија за холестерол, претходно имала покачени вредности на шеќер во крвта, како и проблеми со коленото и дискус хернија, поради кои долго време живеела со значителна болка. М-р Ана Антовска објаснува дека токму затоа пристапот кај секој пациент мора да биде индивидуален.

„По земената анамнеза, направениот скрининг на телесниот состав и проценката на базалниот метаболизам, а земајќи ги предвид возраста и целокупната здравствена состојба на пациентката, беше изработен персонализиран диететски протокол. Со соодветно определен калориски внес, како и внес на протеини, масти и јахлехидрати според потребите на организмот, целта не е само намалување на телесната тежина, туку тоа да се направи на правилен начин, со зачувување на мускулната маса“, објаснува м-р Антовска.

За четири месеци, без физичка активност поради ограничувањата што ги имала на почетокот, Виолета намалила 22 килограми. Подеднакво значајни се и другите промени што ги забележала. Според нејзините контролни резултати, вредностите на шеќерот во крвта се нормализирале, а со намалувањето на тежината и оптоварувањето на телото се намалиле и дел од болките. Со враќањето на силата, следниот чекор е постепено вклучување и на лесна физичка активност, соодветна на нејзината состојба и можности.

НАСМЕВКА ШТО КАЖУВА ПОВЕЌЕ ОД БРОЈКИТЕ

За м-р Антовска, сепак, највпечатливиот момент од целата приказна не е бројот на изгубени килограми. Таа ја памети Виолета од првата средба – со бастун, со силни болки, тешко подвижна и без расположение. А потоа ја видела повторно како самостојно доаѓа од Прилеп со автобус на контролен преглед.

„Најголемата промена за мене беше насмевката со која се врати во амбулантата. Тоа нема да го заборавам. Кога првпат дојде беше многу повлечена, не сакала ниту да се фотографира, ниту да се погледне во огледало. Денес гледам друга личност. Очите ѝ се смеат, полна е со енергија, повторно планира, оди на одмор. Тоа е за мене најголемиот успех“, вели м-р Антовска.

Таа посочува дека редовното следење е важен дел од нејзината работа со пациентите.

„Сакам да знам како напредуваат. Еднаш неделно правиме детална анализа на изминатата недела, како се чувствувале, какви резултати имаат, дали е потребно нешто да се промени. Виолета е исклучително дисциплинирана и токму затоа постигна ваков резултат. Кога човек ќе се насочи кон целта и ќе разбере дека промената не е казна или краткотраен режим, туку инвестиција во сопственото здравје, тогаш се менува целиот однос кон исхраната“, вели м-р Антовска.

„Таква поддршка не сум добила од никој друг.“

Кога денес зборува за Ана, Виолета постојано го повторува истиот збор, благодарност. За неа, успехот не се состои само во планот за исхрана што го добила, туку во чувството дека во текот на целиот процес не била сама.

„Сите што имаат проблем со тежината би ги советувала да побараат стручна помош. Јас сум презадоволна и преблагодарна на Ана. Таа е толку топла и трпелива. Секој понеделник ме слуша, разговара со мене, ме советува и ме поддржува. Такви совети и таква поддршка јас не сум добила од никој друг“, вели Виолета.

Нејзиното патување не завршува со 22 изгубени килограми. Напротив, тоа е само една од етапите. Целта е новите навики да продолжат, постепено да се воведе физичка активност и постигнатите резултати да станат дел од нејзиниот нов начин на живот. А можеби најдобриот показател дека промената веќе се случила не е вагата, туку една едноставна споредба: жената која пред неколку месеци едвај минувала десет метри со бастун, денес пешачи, патува, планира одмор и повторно му се радува на секојдневието

 

 

Copyright © 2026 Developed by Unet All rights reserved.