Викендов, Клиничката болница „Аџибадем Систина“ беше домаќин на АО Траума семинарот на тема „Инфекции при хируршки третман на фрактури“, посветен на превенцијата, дијагностиката и лекувањето на една од најсериозните компликации во трауматолошката хирургија.
На семинарот свои предавања одржаа трауматолошки хирурзи, заедно со експерти од областа на инфектологијата и микробиологијата, овозможувајќи мултидисциплинарен пристап кон оваа комплексна проблематика.
Семинарот го предводеше проф. д-р Игор Кафтанџиев, претседател на македонскиот огранок на АО Траума, кој воедно одржа предавање на тема „Најчести грешки во третманот на инфекциите“.
Од „Аџибадем Систина“ со свои стручни предавања учествуваа и: Д-р Биљана Ќурчиќ, специјалист по микробиологија, со предавањето „Системска антибиотска терапија – улогата на микробиологот“ и проф. д-р Боро Џонов, специјалист по пластична и реконструктивна хирургија, со предавањето „Тешки повреди на меките ткива – тешко оштетен екстремитет“.
На настанот присуствуваше и д-р Емилија Мирчевска, медицински директор на Клиничката болница „Аџибадем Систина“.
Фокусот на овој семинар беа инфекциите поврзани со фрактури, една од најсложените и најсериозните компликации во трауматолошката хирургија.
Покрај стручните презентации, семинарот вклучи интерактивни дискусии засновани на клинички случаи и дебата за една од клучните хируршки дилеми – дали имплантот треба да се задржи или отстрани при инфекција. Ваквиот пристап овозможи размена на искуства и поврзување на научните сознанија со реалните предизвици во секојдневната клиничка практика.
Преку ваквите стручни ангажмани, докторите од „Аџибадем Систина“ активно придонесуваат кон размената на знаења и искуства со колегите од земјата и странство, следејќи ги најновите достигнувања во медицината.
Copyright © 2026 Developed by Unet All rights reserved.