Учениците од средното медицинско училиште СОУ „Јане Сандански“ од Штип ја посетија Клиничката болница „Аџибадем Систина“, каде што имаа можност да се запознаат со современото функционирање на една клиничка болница.
Учениците од повеќе насоки, како: физиотерапевтски техничари, гинеколошко-акушерски сестри, медицински сестри и лабораториски санитарни техничари беа поделени во групи и посетија различни оддели во болницата, придружувани од одговорни медицински сестри од повеќе оддели. Меѓу посетените единици беа: Ургентниот центар за возрасни со собата за реанимација, Одделот за радиологија, педијатриските амбуланти и педијатрискиот ургентен центар и дневната болница, Одделот за гинекологија и акушерство (амбулантски дел), како и Одделот за физикална терапија и рехабилитација.
За време на посетата, учениците имаа можност одблиску да ги видат организацијата на работата, современите капацитети и напредната медицинска технологија со која располага болницата. Посебен впечаток оставија професионалниот пристап, посветеноста и тимската работа на медицинскиот персонал, кои претставуваат клучни фактори за квалитетна здравствена грижа.
Оваа едукативна посета претставуваше значајно искуство за учениците, бидејќи им овозможи да стекнат подобра претстава за својата идна професија и дополнително да ја зајакнат својата мотивација за понатамошно образование и професионален развој во областа на здравството.
Copyright © 2026 Developed by Unet All rights reserved.