Аџибадем Систина

ВО БОРБАТА НАРЕЧЕНА ЖИВОТ, СЕ РАЃААТ ВИСТИНСКИТЕ ХЕРОИ

18.07.2025

ТЕШКИТЕ ПОВРЕДИ НЕ Ѝ ЈА СКРШИЈА ВОЛЈАТА НА МЛАДАТА ЕРАНДА

 Понекогаш, животот може да се промени за само една секунда. Еден миг е доволен за да се сруши сè што сме планирале, сè што сме градeле. Но, исто така, доволен е и еден зрак надеж, една вистинска одлука, еден човечки гест за повторно да се издигнеме. Приказната на Еранда е токму таква – болна но инспиративна. Приказна за падот, но уште повеќе – за силата да се стане. За болката, но и за безрезервната посветеност на лекарите што ѝ подарија нова шанса за живот.

„На 29 август минатата година, мојот живот се смени засекогаш. Доживеав тешка сообраќајна несреќа и се здобив со сериозни телесни повреди. Поминав 18 дена на интензивна нега во болницата во Приштина, бев интубирана поради оштетени бели дробови, скршени ребра од левата страна, скршена клучна коска, како и скршеници на карлицата. Имаше и други полесни повреди, но овие беа најсериозните. Потоа започна период на неизвесност, исполнет со многу прашања, стравови, но и решителност да се пронајде најдоброто решение за мојата состојба. Јас и моето семејство вложивме сè од себе – истражувавме, се консултиравме, баравме место каде што ќе можам да добијам соодветен третман. На 18 септември ја донесовме најважната одлука, да дојдеме овде. Татко ми и брат ми ги пронајдоа проф. д-р Јордан Савески и д-р Неда Трајковска – двајца исклучителни лекари кои работат како тим и се едни од најстручните во оваа медицинска област. Уште при првиот разговор, тие го прифатија мојот случај со решителност и без нималку двоумење. Нивниот професионализам и човечката пристапност ни дадоа надеж во еден момент кога сè изгледаше тешко и неизвесно“, објаснува Еранда.

„Првиот контакт со семејството на Еранда беше една недела пред приемот. И тогаш беше релативно доцна за анатомска реконструкција на карлицата и сакрумот, дислокацијата беше голема, меѓутоа се согласивме дека ја заслужува секоја шанса што постои за да може да се движи нормално и да живее без инвалидитет. На прием, по клиничкиот преглед и компјутеризираната томографија веќе беше јасно дека тоа ќе биде еден од најпредизвикувачките случаи во мојата долга кариера. Фрактурите веќе беа во санација, беше 4. недела по повреда, немаше можност за операција во еден акт, постоеше ризик од интраоперативни невролошки повреди, стабилизацијата подразбираше вклучување и на ‘рбетот, се работеше за политрауматизиран пациент... Направивме детален план за операција во две фази, кој, за среќа, се покажа успешен. Голем дел од успехот е лично заслуга на Еранда. Степенот на соработка и начинот на кој се соочуваше со секојдневните предизвици и бариери, трпеливоста, но и борбеноста се за секоја почит“, објаснува проф. д-р Јордан Савески, специјалист по трауматологија.

На 19 септември била извршена првата операција – сложен хируршки зафат на карлицата и сакрумот, како и клучната коска. Десет дена подоцна, на 29 септември, следувала и втората операција, повторно на карлицата и сакрумот, за финална реконструкција и стабилизација. Еранда поминала три недели во болница, во период исполнет со неизвесност, но и со надеж. Иако семејството не можело постојано да биде физички покрај неа, таа никогаш не се почувствувала осамено. Напротив, вниманието, грижата и човечноста што ѝ ги давале докторите, медицинските сестри и целиот болнички персонал ѝ дале чувство на топлина и сигурност. Благодарение на нивната несебична посветеност, таа се чувствувала мирно и спокојно, како да е опкружена со своите најблиски.

„Повредите на карлицата и сакрумот кај Еранда беа едни од најтешките. Имаше моменти кога се прашував дали ќе успееме. Особено при планирањето на оперативните зафати, благодарна сум што учев и сѐ уште учам од пионерот на хирургијата на карлица и ацетабулум, како и на ‘рбет на балканските прос тори, признаен и во светски рамки, проф. Савески. Ваквите повреди се ретки и бараат експертиза. Да го цитирам: кај политраума ако сакаш да преживее пациентот, бродот треба да има еден капетан. Ако сакаш да го добиеш најдоброто за пациентот, ќе го избереш најискусниот, оној што ќе ги види компликациите пред да се случат. Еранда имаше среќа да добие искусен капетан, а јас, д-р Борислав Илиев и д-р Филип Видоевски, најмладиот во тимот, имавме среќа да добиеме животна лекција, една од оние што се паметат, дека речиси ништо не е невозможно. Успехот бара знаење, искуство, координација, тимска работа и упорност. Најголемата награда за нас е тоа што денес, по само осум месеци, таа повторно чекори стабилно, сигурно и без болка. Се движи сосема нормално и живее живот каков што заслужува“, вели д-р Неда Трајковска, специјалист по трауматологија.

Еранда вели дека денес се чувствува добро и дека благодарение на несебичната посветеност на медицинскиот тим, повторно го вратила највредното нешто – своето здравје. Споделува дека пред еден и пол месец се вратила на работа, нешто што во еден момент ѝ изгледало далечно и речиси невозможно. На последната контрола, докторот ѝ кажал со насмевка дека е целосно способна да продолжи со нормален живот.

„Од срце ви благодарам за сè што направивте за мене. Без вас, без вашата грижа, стручност, хуманост и охрабрување, ова патување ќе беше многу потешко. Во секој момент чувствував дека не сум сама, дека зад мене стои тим кој се грижи, кој верува и кој се бори за моето оздравување“, завршува Еранда.

Copyright © 2025 Developed by Unet All rights reserved.