ТИМОТ ПРЕДВОДЕН ОД Д-Р ИЛИЕВ ИЗВЕДЕ УСПЕШНА ИНТЕРВЕНЦИЈА НА 92-ГОДИШНА ПАЦИЕНТКА

27.03.2024

Нашата пациентка, 92-годишната Снежана Бојаџиева, докторка во пензија, со солзи во очите објаснува за својот пад и за скршеницата што ја добила на колкот среде ноќ. Вели дека добро го познава својот дом и среде темница може да се снајде, но не и тој 12 март. По падот се здобила со скршеница, за која била неопходна итна интервенција.
На смена тоа утро бил д-р Борислав Илев, специјалист по ортопедија, кој за многу кратко време ги направил сите потребни снимки и испитувања, анестезиолошки подготовки и проценки од ризици за оперативен зафат, ја утврдил скршеницата и решил веднаш да направи операција.
 
ЗА СРЕЌА, ВТОРИОТ ПАТ ПАДНАВ ВО ВИСТИНСКИ РАЦЕ, ОНИЕ НА Д-Р ИЛИЕВ И Д-Р ТРАЈКОВСКА
„Немам зборови со кои можам да ја искажам мојата благодарност за целиот тим овде предводен од д-р Борислав Илиев. Извонреден доктор, кој бргу и стручно ги изведе сите потребни процедури пред интервенцијата и стави крај на моите неподносливи болки. Посветено, со огромна љубов и стручност спрема сите пациенти. Бев фасцинирана со колкава љубов работат вработените тука, едноставно ништо не им е тешко. Од болничар, до медицинска сестра, доктор. Преблагодарна сум и на д-р Неда Трајковска, која беше заедно со д-р Илиев на интервенцијата. Многу сум слушала за нивната стручност, а сега и се уверив. Морам да истакнам благодарност и до Oдделот за физикална терапија, до Коста и д-р Ирина. Навистина имам среќа што паднав во вистински раце“ – објаснува Снежана.
 
ИНТЕРВЕНЦИИТЕ КАЈ ПОВОЗРАСНИТЕ ПАЦИЕНТИ ЧЕСТО ЗНААТ ДА БИДАТ И МНОГУ РИЗИЧНИ
Д-р Борислав Илиев, неколку дена по интервенцијата, вели дека е задоволен од тоа како се одвива закрепнувањето, бидејќи како што објаснува, интервенциите кај повозрасните пациенти често знаат да бидат и многу ризични. Затоа се неопходни добра проценка и подготовка.
„Пациентката Снежана Бојаџиева ја примивме по пад и повреда во пределот на левиот колк. По приемот беа направени сите потребни испитувања, лабораториски анализи, анестезиолошка проценка на ризик од оперативен зафат, како и кардиолошки преглед. Се работеше за сложена интервенција. Пациентката беше поставена на т.н. екстензивен стол, каде што под РТГ-мониторинг се направи репозиција на скршеницата. Постигната беше интраоперативна добра положба на фрагментите од скршеницата и нејзина стабилна фиксација. Кај повозрасните пациенти посебен проблем е губењето на коскената маса (остеопороза), која води кон поголема кршливост на коските, како и кон подолг временски период на зараснување на скршениците.“
„Снежана веќе вториот ден по операцијата, со помош на нашите физиотерапевти и со одалка, беше вертикализирана со минимално оптоварување на оперираната нога. Постоперативно се планира терапија, вежби за зајакнување на мускулатурата и постепено осамостојување при движење, со користење на помагало при одење во наредните 2-3 месеци“ – објаснува д-р Илиев.
Сега кога операцијата поминала во најдобар ред, Снежана се чувствува одлично и е подготвена за заздравување. Со нетрпение чека да се врати на своите омилени хобија – читање книги и гледање тенис.

Copyright © 2024 Developed by Unet All rights reserved.