Круме Спасовски, еден од најпознатите македонски фолк пејачи во Македонија, повеќе од 50 години е на сцената и со својот препознатлив глас и голема емоција има испеано многу познати македонски песни, а е одбележје и на една цела генерација познати македонски фолкери. Тој ги ужива своите пензионерски денови подалеку од градскиот метеж, преселен на село. Неодамна, се соочил со здравствен проблем за кој се обратил во КБ „Аџибадем Систина“, a по извршената интервенција се чувствува витално и добро, благодарен е на целиот тим на болницата, а особено на проф. д-р Александар Николиќ, кој ја следел состојбата и успешно ја извел операцијата на срце на Спасовски.
СТРАВОТ СТАНУВА ОПТИМИЗАМ
Првите симптоми што го вознемириле Спасовски биле болка во градите и отежнато дишење, по што веднаш заминува на лекар кој сугерира кардиолошки преглед. По консултација со д-р Александар Божиновски од КБ „Аџибадем Систина“, Спасовски е упатен кај проф. д-р Александар Николиќ кој проценува дека треба веднаш да се изврши интервенција на срце. „Отидов, ми направија ехо и ЕКГ на срцето и утврдија дека имам нешто на горниот дел на срцето. Јас обично сум многу плашлив и како и секој човек, се загрижив за својата состојба и за сето она што ќе се случува со мене. Се обратив во ’Аџибадем Систина’ и не згрешив. Ми сугерираа дека треба да се направи операција, но за мене беше навистина утеха кога ми кажаа дека интервенцијата ќе ја направи проф. д-р Александар Николиќ. За него слушнав многу убави зборови, ми рекоа дека има златни и лесни раце. И навистина. Операцијата помина одлично и по одреден период ми се врати силата, почнав повторно да се чувствувам свежо, бојата на кожата ми се врати, јадам нормално и спијам нормално. По еден месец веќе се вратив на нормалното живеење. Се враќам и на музиката од која не се ни откажав. Ама сега срцето повторно ми пее“, вели Спасовски.
ИНТЕРВЕНЦИЈА НА АОРТНИОТ ЗАЛИСТОК
Професор д-р Александар Николиќ вели дека пациентот дошол со симптоми на замор и вртоглавица. Спасовски имал шум на срце од 18 години, а до април годинава бил во добра општа здравствена состојба. На наодот било утврдено дека има тешка аортна стеноза. Проблемот бил кај аортниот залисток. Тоа е еден од најчестите проблеми кај пациентите по шеесеттата година од животот. „Затоа моравме да направиме операција. Со оглед на возраста, кај пациентот ставивме биолошка протеза која треба да функционира и да го продолжи неговиот живот и секако да продолжи да се занимава со музика. Она што е важно е да биде редовен на контроли“, вели д-р Николиќ. Неговите сугестии се пациентот да внимава на исхраната, да не јаде премногу или воопшто да не консумира месо и масти освен риба. Кај вакви пациенти се препорачува и пешачење, но и откажување од цигари кај пушачите. „Станува збор за рутинска операција што трае три часа. Ризикот кај овие операции е мал, а многу значајно е интервенцијата да се направи во рана фаза“, вели д-р Николиќ. Целата процедура поминала во најдобар ред. Благодарение на посветеноста и професионалноста на проф. д-р Николиќ и на целиот тим на КБ „Аџибадем Систина“, Спасовски многу бргу закрепнува и веќе е целосно вратен и посветен на своите секојдневни активности. Расположен, позитивен и во одлична кондиција, Круме Спасовски ветува и нови концерти и враќање на сцената, која, како што вели, никогаш и не ја напуштил.