ОГРОМЕН УСПЕХ НА КАРДИОХИРУРШКИОТ И УРОЛОШКИОТ ТИМ

16.01.2023

ОТСТРАНЕТ БУБРЕГ И ПОСТАВЕНИ ДВА БАЈПАСА ВО ИСТ ОПЕРАТИВЕН АКТ
Кардиохируршкиот и уролошкиот тим на Клиничка болница „Аџибадем Систина“ изведоа исклучително комплексна интервенција на 74-годишен пациент. Во ист хируршки акт е изваден тумор на десниот бубрег, отстранет е целиот бубрег, по што продолжила кардиохируршката интервенција на срцето и биле поставени два бајпаса, поправка и замена на срцевите залистоци. Со оглед на фактот што мал број пациенти во светот подлегнале на ваков тип интервенција, ова е голема потврда и признание за хируршкиот тим на Клиничка болница „Аџибадем Систина“, која се стреми да биде пионер во изведување и на најкомплексните хируршки интервенции. Во оваа комплексна интервенција учествувал кардиохируршкиот тим на чело со проф. д-р Александар Николиќ, а уролошкиот тим бил составен од д-р Александар Мицковски и д-р Даниел Петровски.
 
НАМАЛЕНА ФУНКЦИЈА НА СРЦЕТО И ТУМОР НА ДЕСНИОТ БУБРЕГ
Првите симптоми на 74-годишниот Миливое Михајловски од Пробиштип се појавиле во 2018 година со прогресивен замор, отоци на нозете, тешко дишење, гушење и слабокрвност.
Во 2019 година му е направено ехо на срце каде што е констатирана средна аортна стеноза која во тој момент не била за оперативен третман, па била предложена само медикаментозна терапија. Со текот на времето, симптомите се интензивирале сè повеќе. Во мај 2022 година Миливое доаѓа на повторна контрола, направено е ехо на срце и е констатирана намалена испумпувачка моќ на срцето околу 40% и среден кон тежок степен на аортна стеноза и оштетување на митралната валвула. Во јуни покрај проблемите со срцето, во главната вена што носи крв до срцето е забележана туморозна формација. Направен е компјутер на абдомен и на граден кош каде што се увидело дека се работи за туморозна формација од десниот бубрег, кој преку главната вена достигнува до срцето. Десниот бубрег бил целосно нефункционален.
 
КОНЗИЛИЈАРНИОТ ТИМ ДОКТОРИ ОДЛУЧУВА ЗА КОМПЛЕКСНАТА ИНТЕРВЕНЦИЈА
Со оглед на комплексноста на случајот, за решението одлучувал конзилијарен тим составен од кардиохирурзи, уролози и онколози. Во терминална фаза на бубрегот и со сериозно оштетена функција на срцето во август 2022, стручниот конзилиум донесува заклучок дека за да се спаси животот на пациентот, потребно е да се направат две интервенции – кардиохируршка и уролошка во ист акт. „Во операциона сала е отворена градната коска за да се има пристап до срцето, срцето е приклучено на екстракорпорална циркулација, уролозите пристапуваат со вадење на десниот бубрег, се отвора и главната вена што продира до срцето и се отстранува тромбот. По завршување на уролошкиот дел, се пристапува кон операција на срцето, при што е направена замена на аортната валвула, поправка на митралната валвула и поставени се два бајпаса“, раскажуваат проф. д-р Николиќ и д-р Мицковски за комплексната интервенција.. По хируршката интервенција пациентот е префрлен во Единицата за кардиох иру ршка интензивна нега со тежок постоперативен тек. По стабилизирање на состојбата, пациентот бил префрлен во хоспиталниот оддел за кардиохирургија каде што му е продолжена медикаментозната и физикалната терапија. По 20 дена хоспитализација, Миливое заминува дома во комплетно стабилна состојба.
 
КОНТРОЛИТЕ УКАЖУВААТ НА ДОБАР ИСХОД
По сложената интервенција, Миливое редовно ги спроведува контролните прегледи кај кардиолог, кардиохирург и уролог. Последните контролни прегледи укажуваат на уредна функција на срцето, валвулите и бајпасите. Кардиологот д-р Марјан Димитровски вели дека сите контролни тестови покажуваат дека Миливое одлично заздравува. Уредна му е и функцијата на левиот бубрег, кој отсега ја презема главната улога по комплетното отстранување на десниот бубрег. По неколку месеци ќе биде потребно да се направи контролна КТ на абдомен и граден кош и доколку е потребен и ПЕТ/КТ.
„На првиот кардиолошки преглед пациентот дојде со многу тешка клиничка слика на декомпензирано срце, отежнато дишење, со отоци на двете потколеници, со аритмија на срце. Веднаш беше побарана итна хоспитализација, по што беше направена коронарографија и ехо на срце. Наодите беа во прилог на повеќесадовна коронарна болест и аортна стеноза со препорака за кардиохируршки оперативен зафат. Но, најпрво требаше срцето да се доведе во компензирана состојба. Во тој период со КТ на абдомен се откри и туморот во десен бубрег со што натамошниот третман на Миливое стана исклучително сложен. Следеше неколку месечен период на стабилизирање на срцето и консултации со уролошкиот и кардиохируршкиот тим за да се одреди времето за сложен хируршки зафат со кој ќе се спаси животот на пациентот“, вели д-р Марјан Димитровски, кардиолог.
 
ЖИВОТОТ Ѝ ГО ДОЛЖАМ НА „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“
Миливое полека се враќа на секојдневните активности и се чувствува одлично. Упати голема благодарност до целокупниот тим на болницата, особено до неговите доктори што му го спасија животот. „Благодарение на ‘Аџибадем Систина’ го живеам својот втор живот. Моја искрена препорака за сите што имаат каков било проблем е да дојдат тука и да се уверат во професионалноста на овие доктори. Мојот живот беше буквално во нивни раце. Благодарност до членовите од целиот тим, кои неуморно се грижеа за мене додека бев во болницата. Тука се чувствував сигурен и безбеден“, вели Миливое.

Copyright © 2024 Developed by Unet All rights reserved.