ОД „ОБИЧНА“ ГЛАВОБОЛКА ДО ЖИВОТОЗАГРОЗУВАЧКА СОСТОЈБА

25.05.2023

44-ГОДИШНИОТ КИРО ТРАЈКОВСКИ ДВА МЕСЕЦА ПОМИНА ВО БОЛНИЦА
Чести напади на главоболка, за кои 44-годишниот Киро Трајковски си пронашол самиот лек, апче што ги прикривало болките и го смирувале, сè до следниот напад. И повторно истата приказна, силна главоболка, апче и привремено решение. Редовно во џебот си носел со себе од „магичниот лек“, како што го нарекува тој, бидејќи главоболката со него магично исчезнувала. Сè дури еден ден не почувствувал силна главоболка, како да му горела главата и имал чувство како некој со вжарено железо да го прободува во главата. Паднал и со брза помош бил донесен во „Аџибадем Систина“. „Многу често не им придаваме значење на главоболките. Тие се мали знаци што ги дава телото за некаква состојба, за која мора да се реагира. Јас наоѓав краткорочни решенија, без да одам на лекар, сè дури состојбата не стана алармантна. Два месеца бев хоспитализиран во вашата болница, два месеца докторите се бореа за мојот живот. Чувството како некој со остар предмет да ве прободува во вашата глава е страшно. За среќа, се најдов во вистинско време на вистинското место. Доживотно ќе му бидам благодарен на човекот што ме спаси, проф. д-р Слободан Дамјановски е мојот херој, мојот спасител, најдобриот доктор што сум го запознал“ – изјави Киро.

 

ШТО СЕ КРИЕЛО ЗАД ГЛАВОБОЛКАTA?
Два месеца, период додека траело продолженото закрепнување, „Аџибадем Систина“ била втор дом на Киро. Поминал на неколку оддели, состојбата била критична. „Пациентот е примен поради настап на главоболка со повраќање, со промена на свеста. При прием пациентот беше длабоко поспан, со болки и вкочанетост во вратот. Дијагностицирано е крвавење околу мозокот во мозочната вода (субарахноидално крвавење). Веднаш се направија потребните испитувања и снимката на крвните садови на мозокот покажа проширен крвен сад – аневризма на мозокот. За да се спречи ново крвавење, извршена е оперативна интервенција. Спроведено е пролонгирано лекување во траење од два месеца, по што состојбата се подобри“ – објаснува проф. Дамјановски, за здравствената состојба на Киро. Со вакво заболување во Македонија во болница се примаат околу 100 пациенти годишно. Лекувањето се состои во третирање на потешкотиите настанати од крвавењето со медикаменти. „Друг проблем е ризикот од повторно крвавење, кое може да се јави од проширениот крвен сад. Спречување ново крвавење се врши со оперативна интервенција со поставување на специјална штипка (клипса) на проширувањето или ендоваскуларен третман. Преку крвните садови под контрола на рендген, се прави исполнување на аневризмата со специјален материјал. Која метода ќе се употреби, зависи од медицинските критериуми. Се работи за сериозно заболување со можност за сериозен морбилитет и морталитет. Потребен е комплексен третман за сите околности на заболувањето“ – вели професорот за оваа состојба.

 

НА 7 ФЕВРУАРИ ГО СЛАВАМ МОЈОТ ВТОР РОДЕНДЕН
Неговата приказна во болница започнала на 7 февруари 2022 година. Токму на овој ден Киро сега го слави својот втор роденден. Вели слави за животот и за тоа што повторно може да ужива во неговите убавини. „Повеќе од една година помина по мојата хоспитализација во ’Аџибадем Систина’. Од срце им благодарам на сите што беа дел од моето лекување за целосната посветеност и грижа околу мене. Тие ми дарија шанса за втор живот и можност да уживам во благодатите на животот. Им благодарам на сите доктори што учествуваа во операцијата и мојот постоперативен третман, проф. д-р Лозанче, д-р Антов, сите медицински сестри од интензивна нега, болничарите, вашите физиотерапевти. Благодарение на нив се вратив на работа и на секојдневните обврски. Сега кога се навраќам на изминатата година, ми навираат солзи и затоа сакам мојата приказна да биде препорака за другите луѓе што се соочуваат со слични состојби, не чекајте, појдете на лекар. Ние самите не можеме да си бидеме лекари и да се лекуваме. Правете редовни контроли!“ – вели Киро.

Copyright © 2024 Developed by Unet All rights reserved.