Секоја жена во својот живот сонува за моментот кога ќе стане мајка – највозвишената и најнежна улога што ѝ е дарена. Со самата помисла на бременост, се раѓа и надежта дека следуваат девет месеци исполнети со радост, љубов и подготовка за доаѓањето на новиот член во семејството. Бременоста е посебен период во кој секоја идна мајка со трепет го слуша отчукувањето на малото срце и со нежност се подготвува да го пречека своето најголемо чудо – сопственото дете. Но не е секогаш како што си замислуваме.
СОНОТ ЗА МАЈЧИНСТВО НА ТЕСТ НА ХРАБРОСТ
Младата Елеонора вели дека нејзината бременост започнала како по книга, сѐ до 17. недела, средината на март. „Веднаш појдов кај својот матичен гинеколог, кој забележа намалена плодова вода и плодот не се гледаше добро. Ми даде упат за во Скопје. Прво, второ, па и трето мислење од различни доктори и сите со ист став – абортус. „Нема надеж, млада си, ќе си имаш друго, абортирај, ова нема да успее... Едноставно не сакав да прифатам дека така ќе заврши мојата бременост и продолжив да барам надеж“ – вели таа. Од блиска познајничка што имала сличен проблем Елеонора дознала за д-р Гордана Петровска од „Аџибадем Систина“. Таа била и нејзина последна надеж.
„На 2 април беше нашиот прв преглед, каде што веднаш ми предложи какви опции има и што нудат, сè со цел јас да си одберам дали би сакала понатаму или да ја прекинеме бременоста. Ја одбрав можноста за дотур на вода, односно амниоинфузија, која ја изврши веднаш истиот ден. По амниоинфузијата ја следевме бременоста секоја втора недела“ – објаснува Елеонора.
.jpg)
АМНИОИНФУЗИЈА: РИЗИК, НАДЕЖ И СПАС
Со насмевка на лицето на првата средба се сеќава и д-р Гордана Петровска, специјалист по гинекологија и акушерство. Стартот бил високоризична бременост, но за среќа, сè завршило со најдобар исход. „Пациентката Елеонора првпат ја посети нашата болница во – 19 гестациска недела со ултразвучен наод за комплетно отсутна околуплодова вода и со препорака од други институции за прекин на бременоста поради отсутната околуплодова вода, за уште едно мислење. По направениот ултразвучен преглед, не можев да ја најдам причината за таа состојба на плодот, па ѝ предложив на пациентката да направиме амниоинфузија, со цел да се визуализира плодот и да се обидеме да ја најдеме причината за таквата состојба“ – вели д-р Петровска.
На пациентката и сопругот детално им била објаснета процедурата за амниоинфузија со сите бенефити и ризици. Без размислување ја прифатиле процедурата, со надеж дека таа им е спасот од нивната голгота.
„Амниоинфузија е инвазивна процедура кога под контрола на ултразвук со тенка игла се влегува во амнионската шуплина и се става физиолошки раствор стоплен на собна температура. Со оглед на отсутната околуплодова вода, процедурата се правеше и со помош на доплер за да се избегне повреда на крвните садови, која може да доведе до смртен исход кај плодот. Потребно е големо искуство за да се погоди правилен простор и да се пресмета колкава количина течност треба да се стави за таа да не доведе до прскање на обвивките или контракции на матката“ објаснува д-р Петровска.
.jpeg)
РОДИТЕЛСКИОТ ИНСТИНКТ НЕ НÈ ИЗЛАЖА
Интервенцијата поминала без никакви компликации. Потоа следувал детален скрининг на плодот, бидејќи по апликацијата на течност се добила убава резолуција за да може да се направи евалуација на плодот. Ултразвучниот преглед прикажал фетус со нормална морфологија на сите органи, а микробиолошките и генетските анализи биле уредни. Заклучокот на д-р Петровска бил дека причината за отсуството на плодова вода е во плацентарната инсуфициенција, односно многу рано затајување на плацентарната функција. Затоа натамошниот третман бил насочен кон подобрување на функцијата на плацентата. „Откако ја направивме амниоинфузијата, сè се смени – бебето конечно имаше доволно вода, растеше и се развиваше совршено. Тоа беа најсреќните моменти за нас!
Знаевме дека родителскиот инстинкт не нè излажа – вербата и љубовта ја добија најубавата потврда. Вределе секоја борба, секоја солза и секоја надеж“ – споделува Елеонора. Елеонора одлично реагирала на дадената терапија. Доаѓала многу често на контроли - на почетокот секоја седмица, а потоа на две. Сите контроли биле уредни, со нормален раст на плодот, уредна функција на постелката, нормална количина на околуплодовата вода и нормални протоци низ папочната артерија и мозочните фетални артерии.
.jpeg)
ПРВИОТ ПЛАЧ НА ГОЛЕМИОТ БОРЕЦ АЛЕКСЕЈ
Алексеј се родил на почетокот на 36. недела, на 29.7.2025 година, со телесна тежина од 2500 г и должина 48 сантиметри. Силен и моќен плач кој ја исполни целата родилна сала. „Искрено им благодарам на Елеонора и нејзиниот сопруг што ми ја дадоа довербата да ја водам оваа високоризична и неизвесна бременост. Тие веруваа во мене и беа исто толку упорни и силни колку и јас – со секој заеднички чекор се радувавме и се надевавме. И кога конечно го слушнавме првиот здрав и моќен плач на нашиот голем борец Алексеј, срцето ми се преполни со радост“ – вели д-р Петровска.
„За д-р Гордана немам доволно зборови со кои би можела да опишам колку е посветена, прецизна и грижлива во својата работа - уште од првиот момент па сè до крајот на бременоста. Колку што јас и мојот сопруг имавме надеж, таа имаше двојно повеќе. Мојата единствена порака за идните мајки е оваа: Не откажувајте се, барајте совет, зборувајте со стручни лица – секогаш постои решение и секогаш постои надеж“ – вели Елеонора.