fbpx

ВОНРЕДЕН СОCТАНОК – „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“  ГИ ЗГОЛЕМУВА КАПАЦИТЕТИТЕ ЗА ХОСПИТАЛИЗАЦИЈА НА  КОВИД ПАЦИЕНТИ 

13.03.2021

 

Во услови на раст на бројот на пациенти со компликации на Ковид-19 кои чекаат на хоспитализација, во време кога расте и бројот на заболени во земјата и се дијагностицираат нови соеви на корона вирусот, менаџментот на Клиничката болница „Аџибадем Систина“, денеска (13.03.2021) на вонреден состанок донесе одлука за зголемување на болничкиот капацитет со што ќе се хоспитализираат дополнителен број ковид пациенти. На состанокот на кој учествуваше комплетниот директорски тим, генералниот директор Ѓун Ѓунсој, претседателот на Бордот на директори Јордан Камчев и медицинскиот директор Жарко Христовски е одлучено „Аџибадем Систина“ да се посвети комплетно околу опремувањето и функционалноста на ковид центарот. Поради растечкиот број заболени за кои е потребно болничко лекување, за потребите на Инфективното одделение односно ковид болницата ќе се адаптира вториот кат од болницата, со што се отвораат дополнителни 15 болнички кревети.  Вкупниот капацитет на болницата се зголемува на 69 болнички кревети и хоспитализации.

Во истовреме се мобилизира и поголем дел од техничкиот персонал кој треба да се насочи за потребите на ковид болницата.

Поради зголемувањето на капацитетите во болницата се отвораат нови работни места, односно ќе се вработат два специјалисти инфектолози, доктори специјалисти за интерна медицина,  пет доктори по општа медицина и нови 15 медицински сестри.

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ и сега, но и претходно, откако почна епидемијата на Ковид-19 се стави во функција на заштита на јавното здравје и од почетокот е поддршка и врвен чинител во заштитата и лекувањето на пациентите кои се позитивни на Ковид 19. Последната денешна одлука на менаџментот е во таа насока, односно во услови на влошување на епидемиолошката состојба и потребите на здравствениот систем, се излегува во пресрет на потребите на граѓаните и државата.

Денеска на состанокот утврдени се и директните насоки и конкретните активности кои треба да се сторат во текот на деновите од викендов. За задутре (понеделник 15.03.2021) предвидено е да се одржи нов состанок на кој ќе се утврдуваат сите работи кои се преземени и операционализацијата на планот.

Клиничката болница „Аџибадем Систина“, во меѓувреме запира привремено дел од бројните нови активности и големи инвестиции на кои беше фокусирана меѓу кои и промоцијата на новиот Центар за физикална терапија со најсовремен спортски и фитнес центар, кој е единствен од ваков  вид во регионот.

Болницата секако останува посветена на големите планови и новитетите и останува неприкосновен лидер во земјата и во регионот по опременоста, стручноста и капацитетот.