fbpx

Во „Аџибадем Систина“ за првпат во Македонија е изведена процедура artificial liver support

10.12.2018

Тимот на перфузионисти од Одделот за кардиохирургија и медицински техничар од Одделот за нефрологија, предводени од прим. д-р Љупчо Стојковски, нефролог, на 28 ноември за првпат во Р Македонија ја изведоа процедурата artificial liver support

„Пациентката, 28-годишна жена од Скопје, на која во ‘Аџибадем Систина’ ѝ беше вградено целосно вештачко срце, поради акутно откажување на функцијата на црниот дроб имаше итна потреба од црнодробна заместителна терапија. Процедурата беше изведена со системот MARS ( molecular adsorbent recirculating system), којшто ни беше отстапен од ЈЗУ Клиника за нефрологија во Скопје. Принципот на работа на системот MARS, односно црнодробна заместителна терапија, подразбира модифицирана дијализна метода која користи албумински дијализат што ги презема токсините од циркулацијата на пациентот, а потоа дијализатот рециркулира онлајн и се прочистува низ две колони, првата со јонско изменувачка смола, а втората со активен јаглен, по што така прочистениот албумински дијализат повторно доаѓа во контакт со крвта на пациентот преку специјална полупропустлива мембрана. На овој начин овозможено е прочистување на сите токсични супстанци врзани за албуминот од  циркулацијата на пациентот“, вели прим. д-р Љупчо Стојковски

Во текот на процедурата, како поддршка на системот MARS, се користи и машината Prrizmaflex преку која паралелно се изведува  т.н. континуирана веновенска хемодијафилтрација (CVVHDF). Процедурата трае 8 до 10 часа. Пациентката многу добро ја поднесе оваа постапка при што дојде до значајно намалување на концентрациите на билирубин во крвта. До сега кај пациентката се изведени четири третмани со MARS-системот, што дава можност успешно да се премостиме критичниот период до заздравувањето на црнодробната функција.

„Сакам искрено да им се заблагодарам на менаџментот на болницата, на Одделот за фармација и медицински набавки и целиот технички персонал, кои вложија огромни напори да ни овозможат техничка поддршка за реализирање на овој комплексен проект со којшто се гордееме бидејќи за првпат во Р. Македонија воспоставивме апликација на процедура што може да спаси многу животи“, вели прим. д-р Љупчо Стојковски, нефролог.