fbpx

Во „Аџибадем Систина“ се изведуваат кардиохируршки операции и кај ковид-пациенти

02.12.2020

acibadem sistina esen

И покрај пандемијата на коронавирус, во клиничката болница „Аџибадем Систина“ во специфично прилагодена процедура се извршуваат итни операции и на ковид-пациенти. Иако досега не беше вообичаена пракса да се интервенира кај пациенти кои се позитивни на вирусот и тие се оставаа да го прележат вирусот и покрај итноста за интервенција, тоа сега не е случај. Со ова, болницата демонстрира исклучителна грижа за сите граѓани без оглед на специфичноста која за здравјето на пациентот и на медицинскиот им ја има Ковид -19. Проф д-р Александар Николиќ, кардиохирург во „Аџибадем Систина“, вели дека операциите на срце за кои е утврдено дека се итни се вршат во услови во кои не се доведува во дополнителна опасност и пациентот, но и целокупниот медицински тим. Имено, се работи во посебни боксови за интензивна нега кои се изолирани со двојни врати и негативен притисок. Се пристапува со посебен протокол, а интервенцијата се врши со опрема која се носи на самата операција. Д-р Николиќ, кој е  докажан специјалист во кардиохирургијата во регионот, вели дека по ова болницата се издвојува во начинот на пристапување и третирањето на ковид-пациентите.

„Оперираме пациенти кај кои е потребно итно да се направи бајпас. Во овие случаи различно е дека мора да се внимава на целиот персонал што работи со пациентот затоа што тие мора да бидат целосно заштитени, затоа што сепак имаат контакт со него. Тоа не е едноставно, затоа што мора да организирате посебен протокол, специфични услови. Се адаптира операционата сала, посебен е начинот на облекување, се почитуваат сите мерки за заштита. Потребен е кадар кој добро ги познава мерките за да ги спроведе. Досега не сме соочиле со ваква пандемија, со ваков вирус. Трае речиси една година, но секако мора да се научиме како да функционираме во вакви услови“, вели проф. Д-р Николиќ.

Тој објаснува дека во случај на кардиохируршка интервенција прво се снимаат и белите дробови, па ако вирусот не направил проблеми се преминува кон интервенција и покрај тоа што станува збор за ковид-пациент. Искуството досега е позитивно, па сите случаи имаат добар исход, односно не се појавиле компликации. Д-р Николиќ вели дека закрепнувањето е индивидуално кај секој пациент, но дека секако во првите седум дена пациентот останува на болничко лекување затоа што има послаб имунитет.

Направени се повеќе интервенции, една е операција на младо момче на кое му пукнала аортата. Пред операцијата, која во ваков случај е итна, било утврдено дека е позитивен на коронавирусот. Сепак операцијата е извршена.

„Веднаш се мобилизиравме, се заштитивме целосно и ја извршивме операцијата. Симптомите не смеат да се игнорираат, односно ако оставивме и не реагиравме брзо пациентот можевме да го изгубиме. Ковид направи паника во светот, но ние не смееме да заборавиме и дека и другите болести и натаму се присутни. Не треба да се заборави дека 51 отсто од луѓето умираат од кардиоваскуларни проблеми“, вели д-р Николиќ.

Иако нема голем обем на вакви интервенции, сепак шанса за добиваат и тие кои досега немаа можност да бидат третирани на време само поради тоа што се позитивни на вирусот.