fbpx

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ се роди првото бебе во Скопје во 2017 година

01.01.2017

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ се роди првото бебе во Скопје во 2017 година

Утрово во 03:28 часот во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ се роди првото бебе во Скопје во 2017 година. 

Тимот предводен од д-р Александар Бојаџиев, гинеколог-акушер со спонтано породување на свет донесе здраво машко бебе, тешко 3180 грама и 49 цм должина.

„Ни претставува чест што годинава за првпат од отварањето на акушерскиот оддел, првото новороденче во Скопје е родено токму во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Родилката се породи по природен пат и на свет донесе здраво машко бебе. Родилката и нејзиното новорoденче се во одлична здравствена состојба. “ вели д-р Александар Бојаџиев, гинеколог акушер.

Од државните родилишта, првото бебе е родено утрово во 04:15 часот во ЈЗУ Специјална болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ Чаир.

Рекордни 1187 бебиња за 2016 година во „Аџибадем Систина“

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ во 2016 година се родија досега рекорден број  новороденчиња. Сè поголемиот интерес за породување во најголемото приватно родилиште во Р Македонија и регионот се должи на висококвалитетната услуга по светски стандарди која се потврди со добивање на JCI акредитацијата,  како и најсовремени услови и професионална грижа за мајката и  новороденчето. Довербата на родилките се должи и на фактот што во „Аџибадем Систина“ работи и најсовремен Оддел за неонатална интензивна нега со што се овозможува и грижа за предрвремено родени и критично болни новороденчиња.