fbpx

Жени лидери: Д-р Јана Марин на Самитот „Македонија 2025“

21.10.2016

Жени лидери: Д-р Јана Марин на Самитот „Македонија 2025“

Во рамките на Самитот Македонија 2025 учество зема д-р Јана Марин, член на Одборот на директори на Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Д-р Марин беше говорник на Сесијата – “Улогата на жените како лидери кон одржлива иднина”. За време на сесијата беа отворени прашања за предизвиците на жените лидери, различната перцепција на мажите и жените лидери, предноста/недостатокот да се биде жена во бизнис светот, стереотипите и предрасудите за успешните жени и уште многу други прашања од секојдневието на жените лидери.

Д-р Јана Марин го отвори прашањето за почитта на жената како клучен недостаток на македонското бизнис општество.

„Треба да работиме на унапредување на поголема почит кон жените во секоја смисла. Општеството може да се развива само доколку жената се почитува и цени во однос на нејзините уникатни придонеси во истото. Мораме да бидеме подобри во тоа, и мажите и жените“. истакна д-р Марин.

Д-р Марин зборуваше и за нејзиното искуство како жена лидер, за различната перцепција на жените наспроти мажите лидери, за предизвиците со кои се соочува, како и за потребата општеството да создаде услови за реализирање на жените.

На крајот, ја истакна професионалноста на Клиничката болница Аџибадем Систина која нуди услови за поддршка за професионалениот развој.

„Имам среќа што работам во компанија каде што 70 % од менаџерите се жени. Работам во професионално окружување каде што луѓето напредуваат врз основа на заслугите и успесите. Исто така, тоа е место каде што жените се добредојдени и може да се назначат на разни позиции. А тоа Ви дава поттик. Благодарна сум за истото и посакувам повеќето компании во Македонија да го следат овој пример“ објасни Д-р Марин.“ истакна д-р Марин.

Ана Арсов, директор во Moody’s Financial Institutions Group, САД ги истакна трите главни карактеристики кои гарантираат успех кај секоја жена која претендира да биде успешна во она што го работи, а тоа се компетентност, вложен труд и интегритет.

„Доколку мажот и жената ги поседуваат истите три карактеристики, има уште една предност која жените ги прави сепак подобри, а тоа е емоционалната интелигенција која е својствена само за жените. Не заборавајте да ја искористите.“ истакна Арсов.

Досегашното искуство на проф. Славица Вејт, директор на PEC International и основач на фондацијата „Кирил Трајковски“ кажува дека луѓето не се навикнати да ги гледаат жените на раководна функција.

„На работните состаноци многупати јас сум била единствената жена на масата, па често клиентите мислат дека сум секретарка или преведувач. Луѓето не се навикнати да гледаат на жените како на лидери.“ вели проф. Вејт.

Модератор на сесијата, Александра Наќева Ружин, амбасадор на Р Македонија во Шведска, истакна дека родовата нееднаквост е присутна во светски рамки, каде жените се помалку платени во споредба со мажите, работат привремена работа при што нивните вештини не можат да бидат целосно искористени. Ружин истакна дека според последните истражувања, жените заработуваат просечно 20% помалку во споредба со мажите.

Петтиот Самит во организација на „Македонија2025“ се одржа на 20. и 21. октомври. Овие два дена Скопје беше регионален центар каде можеа да се слушнат најновите светски трендови во бизнисот, инвестициите, финансиите, лидерството, иновации и технологија. Самитот го проследија повеќе од 250 гости, а излагања имаа над 40 говорници од повеќе од 25 земји во светот.