fbpx

УМЕТНИК ВО СПОРТОТ, ПОСВЕТЕНА НА ДЕЦАТА ДОКТОР СТАНКА ТАНЧЕВА-КРСТЕВСКА ЖИВЕЕ СО ПИЛАТЕСОТ

16.06.2021

Никогаш не била професионален спортист, иако била член на одбојкарскиот тим во основното училиште во кое учела. Сепак, д-р Станка Танчева-Крстевска, специјалист по педијатрија неонатолог од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ со многу емоции зборува за спортот – таа никогаш не се откажала од редовното вежбање. Вели практично и не се сеќава од кога вежба аеробик и пилатес – сега многу повеќе само пилатес. Таа е една од омилените меѓу децата – ги сака и најмногу од сè ѝ значат нивните насмевки, благодарните очиња. Но ја отпуштаат и вежбите – физичката активност ѝ дава сила за уште поенергична посветеност на работата. Љубовта кон децата можеби е и нејзина инспирација, но доста ја инспирира и оваа љубов. Често планинари, трча и пешачи. „Навистина сум пресреќна кога ќе слушнам дека децата ме сакаат и кога родителите ќе ми кажат дека посетата на нивното дете кај мене во ординација го прави детето среќно, задоволно, со чувство како да оди кај својот другар. Работата што ја работам честопати знае да биде тешка, исцрпувачка, особено во долгите повеќечасовни дежурства. Но, доволно е само едно среќно и насмеано лице на задоволно дете пред себе и веднаш се заборава на сето тоа“, вели д-р Танчевa- Крстевска.

stanka

ПОЧЕТОЦИТЕ

Д-р Танчева-Крстевска вели дека љубовта кон пилатесот и аеробикот ја има од многу одамна. Низ шега коментира дека дури и не памети кога почнала да вежба, но најверојатно тоа било во раните школски денови. Во последните десет години повеќе практикува пилатес. Кога била основка тренирала одбојка, дури била и во тимот. „Започнав со играње одбојка во основното училиште, а бев дел и од школскиот тим. Кога ќе се присетам само на натпреварите, дружењата, еуфоријата околу сето тоа, кај мене навистина буди едно неверојатно позитивно чувство. Инаку, пилатесот во последните години некако најмногу ’ми легна’. Вежбам пауер пилатес и едноставно уживам во него. Не можам со зборови да го опишам чувството по секој завршен тренинг. Чувство на среќа, задоволство, исполнетост, енергија. Вообичаено го вежбам во друштво, со мојата група од клубот“, вели д-р Танчев-Крстевска. Таа често е на работа, понекогаш работи и надвор од смената, поради дечињата. Самата има две деца и е доста посветена мајка. Но секој слободен момент го користи за вежбање. Тој дух сака да им го пренесе на сопствените деца.

stanka

ЉУБОВ И КОН ПЛАНИНАРЕЊЕ И ВЕЛОСИПЕДИЗАМ

„Факт е дека спортот има огромно влијание на физичкиот, психичкиот и социјалниот развој на секое дете. Затоа и често одиме заедно на планинарење, организирајќи најразлични игри со цел да им го претставам овој спорт на различни начини, а со самото тоа и да разбудам интерес кај нив за планината“, вели д-р Танчева Крстевска. Вели дека ужива во планинарењето, тоа е нејзината втора пасија, по пилатесот. „Можеби и моето најголемо задоволство кога станува збор за спорт, но помалку практикувано поради недостиг на време. Додека пилатес-тренингот ми одзема околу час и половина, планинарењето бара малку повеќе, што честопати не може да се вклопи во моите обврски. Последните три години ја пронајдов и љубовта кон велосипедизмот. Особено кога тоа е спој на планината и природата. Најмногу ги сакам велосипедските тури во планина. Често во овој дел сум придружена од мојот сопруг или моите пријателки“, вели д-р Танчева-Крстевска. Не изненадува што д-р Танчева сака и друштвени игри – таа има и натпреварувачки дух. Со особени емоции зборува за спортот. Вели дека често игра и тенис, пингпонг. Секоја година оди и на скијање. Вели спортот за неа е најважна работа кога станува збор за здравјето, за одржувањето на здравиот дух и здраво тело. Не се сеќава на некој исклучително немил настан, на некоја поголема спортска повреда, освен еден пад од велосипедот кој поминал без поголеми последици.

stanka

ГУРМАН И ЉУБИТЕЛ НА ДОБРА ХРАНА

Д-р Танчева вели дека е гурман, но дека секако сака да се храни здраво и да внесува корисни намирници. „Кога станува збор за храната, јас не сум човек кој премногу внимава на истата. Гурман сум и сакам да истражувам кога станува збор за гастрономијата. Секако дека гледам во најголем дел да се хранам здраво и имам свој режим на исхрана, кој мене ми одговара. Храната, спортот и добрата хидратација се секако многу важни работи за здравјето на секој човек“, вели д-р Танчева-Крстевска. Таа е позната кај децата, кај нивните родители, ценета поради пристапот, поради стручноста. Има интересна пасија, дух кој треба да им се пренесе и на децата. Тоа и го прави. Поминува една тешка година, а д-р Танчева Крстевска вели дека токму спортот ѝ помогнал да ја надмине целата ситуација. „Тренинзите секако продолжија, на еден поинаков начин, од дома преку зум-апликацијата. Последнава година, токму поради пандемијата и сите преземени превентивни мерки, планината беше моето омилено место, простор каде што ги наоѓав мирот и спокојот. Секое слободно време со фамилијата гледаме да го поминеме на планина“, вели докторката. Остава децата сами да се определат со што ќе се занимаваат, но се надева дека и тие ќе останат активни.