fbpx

Менаџерски поглед од позиција на пациент

22.05.2015

Мојата генерација го памети времето на „Битлси“, кои кога ние растевме тие беа на крајот од ниваната кариера. Зборувајќи за тоа што ќе се случува понатаму, нејзиниот предводник Џон Ленон  рекол дека: „тоа е живот, а животот е тоа што се случува во момонетов, додека сите ние правиме планови за животот“.

Еден од најголемите умови на човештвото Алберт Ајнштајн пак, говорејќи за животот и за човекот како битие рекол дека: „единствено на човекот му е дарено од природата да создава нови вредности. Ако при создавање на новите вредности никогаш не сме соочиле со некоков ризик, тоа всушност значи дека не сме се ни обиделе да направиме нешто ново. Заради ризикот ние не треба автоматски да се откажуваме од сe` и да ги лимитираме нашите можности. Тоа што треба да го правиме е, колку е можно, предвреме да ги откриеме слабите алки во ланецот на можните ризични настани и да им посветиме посебно внимание. На тој начин, ќе можеме реагираме на грешките брзо и ефикасно со цел да ги намалиме последиците од нив“.

Ризикот е најболен кога ќе се однесува на здравјето

Заради својата недоволна дефинираност, камелеонска обоеност и сестраност, ризикот е тешко предвидлива категорија. Го има и во природните и во општествените науки. Го има во секојдневниот живот и случувања, но и кај ретките научни достигнувањa, но сепак, најосетлив и најболен е кога ќе се појави кај здравјето на човекот.  

Мојот здравствен кардиоваскуларен ризичен настан се случи ненадејно, неочекувано и ненајавено со ниту еден претходен симптом,  за време  на моето редовно и омилено пешачење на планината Водно. И сега, кога размислувам за тоа, кои беа  моите слаби алки во мојот здравствен ланец, иако не припаѓав во т.н. ризична група, доаѓам до заклучокот дека, факторите стрес и генетиката, се можеби најизразените причинители за појавата на еден таков вид на здравствен проблем. Едноставно, се покажа многу точно тоа дека: „по поминати педесеттина години од животот, телото добива сопствен ум“.

Среќен за својата одлука

Во тие моменти знаејќи дека: „срцето е најскапоценото нешто кое треба да го дадеш само во рацете на некој кој ќе знае да го задржи“, а имајќи ја во предвид Наполеоновата израка дека:  „секоја наредна секунда ти нуди избор, а секоја донесената одлука во таа секунда може да ти го определи наредниот ден или повеќето години нанапред“ како и тоа дека: „помеѓу поимите прерано и прекасно не постои ништо повеќе од еден момент“, изборот беше Клиничката болница Аџибадем Систина, Одделот за кардиологија.

Денес, сум посебно среќен со правилно донесената одлука.  Зошто? Затоа што, имав посебна можност од менаџерси аспект, да ги согледам сите високи професионални, етички и човеки вредности, кои  тимот од  доктори, му ги пружаат на секој пациент кој е во нивна надлежност  и под нивна контрола.

Едноставно, беспрекорна функционалност

Имав можност да се уверам, како овој квалитетен тим, на нај високо стручно и професионлно ниво управува со ризичниот кардиоваскуларен настан, во сите негови фази, од откривање или дијгностицирање, мерење на неговиот интензитет, брзото воспоставување на контролата и осигурувањето од можен дополнителен непосакуван негативен ефект и најпосле фазата на ефикасното и успешно отстранување на истиот и минимизирање на неговите последици. Едноставно, беспрекорна функционалност.

Првиот мој контакт беше со Д-р Марина Јуруковска, која брзо и ефикасно ги дефинираше првите две фази од мојот кардиоваскуларен проблем и во координација со сестрите Наталија и Марина ги започнаа подготовките за следната фаза. Паралелно во процесот се вклучи и Д-р Оливер Бушљетиќ кој ја превзема целокупната одговороност за ефикасна реализација на последите фази од процесот.

Тоа, што ми остана во посебно сеќавање, од овој интервентен процес, беше нивната високо професионална рутина, пропратена со доза на хумор во контактите со мене и со сила на божја смиреност, која кај мене како пациент создаваше чувство на храброст и сигурност дека се ќе биде во најдобар ред. А да создавате чувство на храброст и сигурност кај пациентот и во исто време и да бидете прецизен, внимателен и претпазлив во постапките што ги превзмате, се нарекува уметност на успехот, која овие доктори ја поседуваат.   

Докторите дејствуваа како една целина

Деновите што следеа потоа, за мене донесоа нови позитивни менаџерски  погледи. Целиот тим од доктори од Одделот за кадиологија, покрај докторите Јуруковска и Бушљетиќ и докторите:  Христовски, Димитровски, Пројевска, Ковачевиќ, Трајков, Бонгард-Мешкоска и Душкоски, дејствуваа како една целина. Без разлика, кој од нив ќе се наѓаше на работната задача, заради беспрекорната организација и начин на информирање, точно и прецизно ја превземаа на себе целосната грижа за секој пациент поединечно. Транспарентноста и информираноста за здравствената состојба на пациентите и нивната колегијалност и  единство, се најголемите нивни вредности и карактеристики како тим.

Сестринскиот и болничкиот кадар, исто така покажаа висока професионалност и одговорност во вршењето на своите работни задачи. Чувствата, кои тие ги развиваат кај секој „господин“ пациент, со својата внимателност и љубезност, имаат посебни вистински вредности. Нивната грижа за навременото и прецизното евидентирање на сите потребни терапевтски и лабараториски вредности беа во функција на навремено и целосно комплетирање на дневникот на активностите за секој пациент посебно. 

За беспрекорната лична и просторна хигиена и уредност, заслугата ја добива помошиот кадар. Тие недозволуваа ништо да недостасува, а нивното внимание и трпеливост, прераснуваше во професионално пријателство со секој од нас пациентите, без разлика што можеби некои од нас беа и повеќе издашни или досадни во своите барања. Високата професионалност и одговорност се нивните главни карактеристики. 

Ми пруживте вера, надеж и љубов

Менаџерски гледано, единствениот начин да се заврши една работа целосно успешно, правилно и професионално е да не се гледа на тоа ќе ги собере заслугите, а сите да бидат задоволни и наградени за постигнатото. Златното правило на секоја професија е: „ставете се во кожата на клиентот или корисикот на вашите услуги“  Затоа, Клиничката Болница „Аџибадем Систина“ треба да биде горда на тимот од Одделот за кардиологија и на придонесот кои тие го имаат и даваат за здравството и граѓаните на Република Македонија.

Со библиски речник речено, во деновите поминати во Одделот за кардиологија ми беа пружени трите најголеми библиски вредности: љубовта, верата и надежта, а целиот тим од доктори ја потврдија мислата на Проф. Д-р Салис Таџер, кој исто така се интересираше за моето закрепнување, дека: „да си (бидеш) доктор тоа не е професија, тоа е начин на живеење“.

Здравјето, љубовта и среќата имаат предност

Сега, кога поминува времето од овој животен искуствен настан и кога се средуваат впечатоците, уште посилно се потврдува едно мое лично гледиште. Имено, иако моето образование и професионален ангажман за цело време се поврзани со ризикот како економска и банкарска категорија во областа на парите, парите не се најважната работа на светот. Здравјето, љубовта и среќата имаат предност.

Животот вистина може да се разбере гледајќи назад, но треба да се живее гледајќи напред. Тој е како да возиш автомобил. Мораш да гледаш напред за да знаеш каде одиш и да гледаш во ретровизорот за да знаеш што се случува зад тебе, а сето тоа да го правиш во сегашниот момент.

Ние живееме помеѓу тие два момента на минато и иднина и затоа треба да уживаме помеѓу тие два момента. Секој нов ден е првиот ден од остатокот на нашиот живот. Животот е доволно долг ако знаеме паметно да го искористиме и е како подиум за танцување. Ако подиумот е доволно голем, многумина ќе заиграат. Притоа, некои  ќе го погодат ритамот, а некои ќе треба да научат дека треба да го  променат ритамот, бидеќи  животот постојано се менува.

Од позиција на пациент ќе завршам со една животна филозофска  мисла дека:  „човекот во животот вообичаено се бори за две работи: првата е да го достигне тоа што го сака и втората е да ужива во тоа што го достигнал, а сновното правило на секој  успех и уживање  е подршката од семејтвото и најблиските“.

Проф. Д-р Драгољуб Арсовски,
Претседател на УО на ТТК Банка