fbpx

„Аџибадем Систина“ – болница на исклучителни професионалци кои спасуваат животи

01.08.2016

Како да се искаже благодарност некому кој ве направил бескрајно среќен со тоа што спасил живот на личност која многу ви значи? Со високо ниво на професионалност, пожртвуваност, натчовечки напор и пред сè човечност во институција со највисоки стандарди и услови достојни за нега на критични пациенти е спасен еден човечки живот, животот на мојата мајка. 

Цели 8 недели живеевме во чекалниците и ходниците на „Аџибадем Систина“. Стравот од најстрашниот можен резултат беше постојано присутен,  но надежта дека, сепак, постојат шанси за преживување беше посилна.

Статистиките прогнозираа сигурен неуспех, веројатно базирани на случаи третирани на поразличен начин и во услови поразлични од оние што можеше да ги понуди оваа болница. Лекувањето имаше смисла само во идеални услови за интензивна нега. Секаква друга варијанта беше однапред изгубена битка. За наша среќа, тие услови постоеја во Одделот за општа интензивна нега во „Аџибадем Систина“, а на случајот сериозно пристапи д-р Никола Шиков со својот тим. Цели 5 недели деноноќно менаџираа низа компликации кои континуирано пркосеа во борбата за нејзиниот живот, пружајќи нега на исклучително високо ниво. Пеколни беа тие денови кога никој неможеше ништо да гарантира. Ни остануваше само трпение и исчекување, а огромната поддршка на тие прекрасни луѓе ги направи деновите за нас подносливи. Читавме од лицата на докторите. Живеевме за да видиме ведар лик кој значеше подобрување на состојбата, а се плашевме од нивната загриженост во критичните моменти. 

За наша среќа, во текот на четвртата недела се случи чудо. Д-р Шиков едно утро ги изговори зборовите „на добар пат сме”. Шансите за преживување се зголемуваа иако сèуште доминираше неизвесноста. Борбата продолжуваше и понатаму во Одделот за интензивна нега, но сега веќе со помалку страв. Тоа се читаше од сјајот во очите и ведриот лик на докторите, медицинските сестри, медицинските техничари, болничарите. Кај сите се врати вербата дека мајка ми ќе се извлече, и се извлече. 

Од исклучителна важност беа и брзите реакции на д-р Милчо Демерџиев и д-р Дејан Ковачевиќ, кои се најдоа во право време на право место на самиот почеток и кои посветено го следеа и помагаа целокупното лекување.

При приемот во Ургентниот центар беа инволвирани и други специјалисти. Д-р Билјана Костовска, д-р Александар Крстевски, д-р Неда Трајковска, д-р Александар Лазаревски, Д-р Лирим Демири, кои покажаа дека тимскиот пристап е компетитивна предност на оваа институција од круцијално значење.

За наша среќа, таа епизода заврши со успех, а сега е во рацете на д-р Аница Хаџи-Петрушева Јанкијевиќ и нејзиниот тим физиотерапевти кои за краток период постигнаа одлични резултати. Рехабилитацијата се одвиваше соисклучително брза динамика и за многу краток период телото се врати во нормала.

Благодарност и до менаџментот на Болницата, кои одобруваа да се преземе сè што е најдобро во насока на спасување на нејзиниот живот. Расположливоста со врвна опрема, висококвалитетни лекови и материјали беа неопходни борбата да заврши си успех. Пораката до менаџментот би била само една: Чувајте ги овие исклучителни професионалци кои спасуваат животи за да им се најдат вистински и на други семејства на кои ќе им биде неопходна помош. 

 

Бескрајно благодарна

 

Маријана Андриќ

[widgetkit id=67]