fbpx

ТЕШКА ОПЕРАЦИЈА НА СРЦЕВИТЕ ЗАЛИСТОЦИ КАЈ ПАЦИЕНТКА СО ХРОНИЧНА ЛЕУКЕМИЈА

16.03.2022

Тања Затараковска има само 55 години, реализиран живот, ама зад себе и борба со рак, која успешно ја поминала. Сепак, пред извесно време повторно се соочила со здравствен проблем. Од овој поглед и од ова време ако гледа назад, стравовите се завршени, но Затараковска вели дека немало да биде така, ако не се обратила во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ и ако не го запознала професор доктор Александар Николиќ. Сега веќе е дома и заздравува од операцијата на двата залистока на срцето, која траела повеќе од четири часа. Иако била доста тешка интервенција, Тања сега се чувствува исклучително добро.

ИТНА ИНТЕРВЕНЦИЈА

Приказната ја раскажува сама, со многу емоции, но и многу зборови за благодарност што сега е добра. Затараковска дошла во „Аџибадем Систина“ откако со денови чувствувала замор, а имала и оток на двете потколеници. Била загрижена затоа што и претходно имала здравствени проблеми. Впрочем, Затараковска имала метастази на левото белодробно крило поради што во 1998 година поминала и по две хемотерапии и радиотерапии. Тогаш докторите ѝ рекле дека треба да направи контрола за десет години. Тања има и анемија, па заморот што го почувствувала бил аларм да се обрати прво кај нејзината матична докторка. „Јас и претходно сум оперирана. Имав метастаза на левото градно крило по што поминав и зрачење, а ми беше речено да направам контрола по десет години.

Тоа и го практикував, но по одреден период работата почна да се менува, почнав да чувствувам замор, нагло ми се влоши здравјето. Отидов да направам ехо кај мојата матична докторка и ехото покажа дека немам стабилен ритам на срцето. Во разговор со докторката ми беше потенцирано дека морам веднаш да се консултирам со кардиохирург“, ја почнува својата приказна Тања Затараковска. По укажувањето, се распрашала каде е најдобро да оди по што добила уверување од повеќе страни дека треба да разговара со проф. д-р Николиќ, кој ѝ бил потенциран како најдобро решение. Прегледот го закажале веднаш нејзините деца по што и брзо се видела со д-р Николиќ. „Професорот ме прими, ме прегледа и од направеното ехо стана јасно дека мора да има интервенција. Д-р Николиќ беше отворен и подготвен веднаш да се изведе операцијата па јас отидов во болницата за два дена. Можеше и веднаш утредента ама моравме да направиме консултација и со хематологот затоа што јас имам и хронична леукемија“, вели Затараковска. Таа сведочи дека операцијата поминала добро и по три недели на интензивна нега, била пуштена и дома во добра состојба. Вели дека е исклучително задоволна од третманот во болницата, посветеноста и исходот од здравственото лекување. „Мислам дека мајка да им бев немаше така да се грижат за мене. Невидено внимание, посветеност, исклучителна хигиена. Сите работеа со таква љубов, што не можам да кажам кој беше подобар. Тоа им го раскажував и на ќерките, презадоволна сум, немам зборови со кои можам да опишам како функционира тимот кај професорот. Првата недела по операцијата беше можеби потешка, но потоа работите одеа само во нагорна линија“, вели Затараковска.

ПО ОСУМ НЕДЕЛИ КАКО ДА НЕ СЕ ОПЕРИРАЛА

А и докторите се задоволни од прогресот. Осум недели по операцијата Затараковска се чувствува одлично, вели, како ништо да не ѝ се случило. „Силата ми се врати во мускулите и сега сум самостојна, сама готвам, сама шетам, можам да функционирам најнормално. Многу подобро се чувствувам отколку пред операцијата“, сведочи Затараковска.

Проф. д-р Николиќ објаснува дека станува збор за интервенција на два залистока, која, вели, е тешка операција. Дополнителна тежина дава тоа што пациентката има и дополнителни здравствени проблеми. „Тоа и сама по себе беше тешка операција, посебно што имавме пациент кој има и друга болест поврзана со анемија. Но операцијата помина добро, задоволни сме и ние докторите и пациентот. Во овој случај покажавме што значи тој мултидисциплинарен пристап во лекувањето кога тим од доктори од различна специјалност се вклучени во лекувањето и интервенцијата. Поради нејзината болест бевме во постојан контакт со хематолог. Операцијата траеше четири часа и морам да кажам дека беше и ризична“, вели проф. д-р Николиќ. Инаку, како што вели, Затараковска сега ќе има добар квалитет на животот. „Пациентката закрепнува. Таа се враќа на своите обврски и ќе станува сè појака и појака. Ние дадовме препораки во однос на контролите, но и за тоа како да се однесува и како да ги извршува секојдневните обврски“, вели д-р Николиќ. Затараковска сега доби нова надеж. Таа впрочем и пред интервенцијата беше оптимист и имаше волја. Веруваше и во себе и својата доверба ја предаде на тие за кои сметаше дека ќе успеат. Вели дека здравствените проблеми постојат, но и затоа се лекуваат. Останува грижата за себе, радоста за најблиските.