fbpx

Стручен тим предводен од кардиохирургот д-р Чадиковски го оперираше малиот Василиј: Во „Аџибадем Систина“ надеж за животот на ова предвремено родено дете

17.07.2020

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ стручен кардиолошки тим предводен од единствениот лиценциран детски кардиохирург, д-р Владимир Чадиковски, го оперираше малиот Василиј. Детето за кое јавноста дозна преку апелите на мајката за помош е родено во 27. гестациска недела, со тежина од само еден килограм. Тој имаше повеќе здравствени проблеми, а меѓу нив и отворен канал на срцето со белите дробови или таканаречен дуктус артериозус перзистенс. Каналот по раѓањето треба спонтано да се затвори, но кај Василиј тоа не се случило затоа што е роден предвреме. Дуктусот ги оптоварувал неговите бели дробови и по испитувањата во „Аџибадем Систина“ било утврдено дека треба да се направи хируршко затворање.

Малиот Василиј добива многу љубов од родителите, од мајка му, која откако го роди не успеа да го гушне. Таа љубов е вистинска водилка, но Василиј својата шанса ја доби токму во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Д-р Чадиковски вели дека интервенцијата поминала во најдобар ред, иако во операциите на вакви бебиња има неколку проблематични работи.

DetskaKardiohirurgija

„Станува збор за бебе кое не е созреано, има мала телесна тежина која не овозможува манипулација надвор од инкубатор, каде што е неговата најидеална средина. Таквата манипулација надвор од инкубаторот води до негово екстремно брзо ладење, ацидоза и можен смртен исход. Второ, ткивото на кое се манипулира хируршки е екстремно грацилно и лесно може да дојде до негова деструкција и крвавење. Поради тие причини се работи минимално инванзивно и трето, постоперативниот тек е исто така тежок и бара долготраен престој во интензивна нега“, вели д-р Чадиковски.

Детето моментално е на неонатално интензивно лекување.

„Оперативниот зафат помина во најдобар ред, без никакви хируршки проблеми и детето во моментот е во Одделот на неонатално интензивно лекување каде што тимот на доктори од детска кардиохирургија и доктори од неонаталната интензивна нега се грижат за постоперативниот тек на бебето. Во моментов е во стабилна состојба и полека се прави и вининг за да може самостојно да дише, без поддршка на механичка вентилација“, додава д-р Чадиковски.

За него, но и за целиот тим мајката Емилија Јованоска има само пофални зборови. Нејзиниот очај сега е заменет со надеж.

„Тимот на д-р Чадиковски, во кој сите се големи професионалци, ја изведе операцијата, која помина без никакви компликации. Голема благодарност до сите нив, до тимот на Одделот за педијатрија и до тимот на д-р Чадиковски. Оваа интервенција е покриена од Фондот, но благодарам и за донациите, кои се за останати трошоци. Со ова на Василиј му беше овозможено да успее во борбата“, вели Јованоска.

Целата интервенција е покриена финансиски од ФЗОМ, а со оваа интервенција впрочем му е решен проблемот со срцето. Детето има и други здравствени проблеми, но од „Аџибадем Систина“ велат дека има поддршка од целиот детски тим на болницата.

Василиј е роден на 14 мај. Никој не остана рамнодушен на неговата приказна, на тагата на неговата мајка. Сепак, „Аџибадем Систина“ му даде надеж.