fbpx

Со заедничка акција до намалување на бројот на новозаболени од карцином на дебелото црево

15.04.2019

Во време на раст на бројот на новозаболени од карцином на дебелото црево и на ректумот во светот, но и во Македонија, потребно е да се унапредуваат дијагностичките модалитети, но и да се работи на подобрување на квалитетот на живот на популацијата. Ова е еден од заклучоците кои произлегоа од меѓународната конференција што изминатиот викенд ја организираше Клиничката болница „Аџибадем Систина“ заедно со MTCC (Mediterranean Task Force for Cancer Control).

На конференцијата насловена Early Occurrence of Colorectal Carcinoma. Where we are. Where are we going? учествуваа четириесетина еминентни меѓународни експерти од повеќе земји од Европа и Азија и претставници на факултети од Италија,Турција, Франција, Јордан, Катар, Бугарија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија.

Сите се согласни дека оваа болест е високо на листата приоритети во современото здравство. Раната дијагностика може да го превенира лошиот исход од болеста. На пример, само минатата година на светско ниво биле регистрирани околу 1,8 милиони нови случаи на заболени од карционом на дебелото црево и на ректумот.

Токму затоа конференцијата беше насочена најмногу кон застрашувачката растечка инциденца на таканаречениот колоректален карцином, но и на податокот дека сè повеќе млади пациенти се погодени од болеста.

„Денес колоректалниот карцином веќе не е болест на постарата популација, туку спротивно, почесто од кога и да е ја гледаме оваа болест кај млади дури и многу млади пациенти. На конференцијата дискутиравме за расветлување на сите аспекти на можните фактори за влошување на оваа ситуација, како што се диететски причини, специфики на различни региони во светот, патолошки и генетски фактори, рано појавување на симптоми, дијагноза, третман. Затоа се надевам дека со конференцијата ќе придонесеме во иднина да ги подобриме резултатите, да ја спречиме, да ја дијагностицираме и да ја лекуваме болеста подобро од порано“, вели професор д-р Владо Димов, специјалист по општа хирургија, супспецијалист по дигестивна хирургија.

Еден од заклучоците на конференцијата е дека е потребна заедничка акција на сите засегнати страни во општеството – медицинските професионалци, креаторите на здравствените политики, јавното здравство. Потребно е да се поттикнува развој на научната мисла, но и да се подигнува јавната свест за проблемот, предизвиците и болеста. Директорката на Клиничката болница „Аџибадем Систина“, д-р Јана Марин, изјави дека подобрувањето на квалитетот на животот во општеството и придонесот кон развојот на здравствената заштита во медицината е една од целите на болницата „Аџибадем Систина“.

„Меѓутоа, тоа е можно само со заедничка акција на сите засегнати страни во општеството. Затоа, од самиот почеток силно го поддржавме и поттикнувавме развојот на научната мисла и практика, секогаш заедно во координација и соработка со сите професионални здруженија и, се разбира, со владините институции и јавното здравство. Во оваа смисла, ја поздравувам отвореноста за соработка, за тоа што ги  идентификуваа и ги ценат нашата посветеност и активно учество во подигање на нивото на националниот здравствен систем“, рече на отворањето на конференцијата Д-р Марин.

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ инаку постојано е посветена да создаде систем, да постави арсенал од најдобрите технологии за откривање и третман и да донесе методи и знаења за да им помогне на сите коишто ја водат, но и да ја добијат битката со карциномот. Од таа мисија произлезе и отворањето на првиот приватен комплетен центар за онкологија и радиотерапија.

Со конференцијата се прави и дополнителен обид за зголемување на свесноста кај населението за оваа болест преку едукација за промена на начинот на живеење, постење, физички активности, но сигнали за препознавање на раните симптоми. За таа цел беа испечатени три брошури наменети за граѓаните на Република Северна Македонија. Се однесуваат на подобрување на здравјето и да се избегне ризичниот начин на живот. Другата брошура е за лекување и превенција од колоректален карцином и брошура што на популарен начин едуцира кога некоја болка или непријатност треба да бидат сигнал што бара совет од лекарите. Дистрибуцијата на брошурите ќе биде бесплатна и ќе бидат достапни во поликлиники, болници, јавни места, но ќе се споделуваат и преку медиумите. Овие брошури се објавени и дистрибуирани во многу земји досега и од денес тие ќе бидат достапни и за нашите граѓани.

Коорганизатори на конференцијата беа Лекарската комора, Здружението на хирурзи, Здружението на гастроентеролози, Здружението на радиолози и онкологисти и Здружението на патолози на Република Северна Македонија

Инаку, популација со највисок ризик за развој на оваа болест се луѓето до 40 години, со семејна анамнеза за полипи или карцином на дебелото црево појавен пред 40-тата година од животот.

Министерот за здравство, Венко Филипче, кој присуствуваше на отворањето на конференцијата, истакна дека особено е важно да им се овозможи на граѓаните да имаат можност да се лекуваат во најдобрите болници. Државата размислува да продолжи со концептот на јавно приватно партнерство.

„Сакам да им честитам на организаторите, на „Aџибадем Систина“, за оваа конференција. Верувам искуствата што овде ќе се стекнат ќе се имплементираат во сите институции во нашата земја. Ние како Министерство за здравство ќе продолжиме понатаму да ги поддржуваме превентивните прегледи, особено за оваа болест” , изјави министерот Филипче. Колоректалниот карцином е третиот најчест облик на рак кај мажите и вториот најчестиот облик на рак кај жените во светот. Се смета дека колоректалниот карцином е четврта водечка причина за смрт во светот. Во Македонија тоа е шестата причина за предвремена смрт, а во последната деценија бројката на смртност од колоректален карцином се зголеми за повеќе од 16 насто. Затоа, велат во Клиничката болница, на оваа конференција „Аџибадем Систина“ гледа како на почетна точка, своевидна платформа за споделување на најдобрите практики за тоа како да се обезбедат превентивни и куративни здравствени услуги на напредно ниво, во интегрирано опкружување.