fbpx

Со „напред розово“ до поголема свест за ракот на дојка

20.05.2014

Кампања на „Борка“ и „Аџибадем Систина“

Повеќе од 1.500 учесници активно се вклучија во традиционалната прошетка „Напред розово 2014 – чекори против ракот на дојка“ и испратија порака за важноста од раното дијагностицирање на карциномот на дојка. Прошетката, која се одржува шеста година по ред, ја организираа Здружението „Борка“ во соработка со Амбасадата на САД во Македонија и Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Розовата прошетка почна од Школка во Градскиот парк, во неа покрај голем број граѓани од целата земја учествуваа и сопругата на претседателот на Република Македонија, Маја Ивановска, амбасадорот на САД во Македонија Пол и сопругата Мери Џо Волерс, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и медицинскиот директор на Клиничката болница „Аџибадем Систина“, проф. д-р Љупчо Лековски.
„Аџибадем Систина како општествено одговорна компанија многупати досега докажа дека само заедно можеме да направиме многу повеќе. Здружени можеме да помогнеме на болните да ја добијат најважната битка во животот, битката со болеста. Заедно да го отвориме најголемиот фронт против канцерот и да не дозволиме тој да се развива, шири и да управува со нашите судбини и судбините на нашите најблиски. Тој фронт е здравствената едукација на населението. Аџибадем Систина со целиот свој стручен потенцијал, во наредниот период ќе ја испрати пораката до секој граѓанин во земјава дека канцерот се лекува, но треба навреме да се открие“ – изјави проф. д-р Љупчо Лековски.
Целта на овој настан е да се подигне свеста кај населението за карциномот на дојка како потенцијално излечива болест бидејќи последните истражувања покажуваат дека оваа болест зема сè поголем замав. Во 2012 година во Македонија регистрирани се 1.152 новозаболени од карцином на дојка, а околу 400 починале.

[widgetkit id=6]