Со 4К и 3Д-технологија до побезбедни и поуспешни интервенции

26.09.2018

„Брзо заздравување, помала болка, скратено време на хоспитализација, побрзо враќање кон секојдневниот живот и работа и подобри резултати во споредба со класичните хируршки методи, се клучните предности на лапароскопската абдоминална хирургија”, вели проф. д-р Владимир Димов, еден од најпознатите експерти за лапароскопска хирургија во Европа

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ воведе нова врвна технологија за изведување на најсложените лапароскопски операции во абдоминалната хирургија. Најновата ендоскопска и лапароскопска 4К и 3Д-технологија се користи во секојдневното изведување лапароскопски интервенции во најпознатите центри во светот, а од сега ќе им биде на располагање на домашните пациенти и на пациентите од регионот. „Аџибадем Систина“ е првата болница во македонското здравство којашто инвестираше во ваква најнова ендоскопска и лапароскопска технологија.

Новата опрема е последна генерација на лапароскопска технологија, со која хирурзите добиваат јасен и детален приказ на оперативното поле, многу подобра од сите претходно користени технологии, со што се гарантира максимална безбедност за пациентот и успех на интервенциите.

„4К-технологијата овозможува четирипати подобра резолуција и квалитет на снимка од стандардната HD (high definition) опрема. Тоа значи дека оперативното поле го гледаме многу појасно, со што се добива висококвалитетен приказ на внатрешните органи, дури и најситните структури, како што се  нерви и  крвни садови. И  најмалите  крвавења, коишто се едваj видливи со голо око, со новата технологија се јасно видливи, така што интервенциите се изведуваат потполно бескрвно. Способноста за снимање и прикажување во 3Д или тридимензионална техника ни овозможува реална длабочина на оперативното поле и им помага на хирурзите полесно да се ориентираат со инструментите за време на интервенцијата“, вели проф. д-р Владимир Димов од Одделот за дигестивна хирургија во Клиничката болница, којшто важи за еден од пионерите на лапароскоспката абдоминална хирургија и е еден од најпознатите експерти за лапароскопска хирургија во Европа.

Со новата опрема, „Аџибадем Систина“ стана единствена болница во овој момент во државата што ги обезбедува најдобрите услови за безбедна, ефикасна и современа лапароскопска  дигестивна хирургија.

„Лапароскопската операција бара големо искуство на хирургот и тимот што ја изведува. Но, во исто време, неопходна е и беспрекорна апаратура и врвна технологија за приказ на стомачната празнина. Со исполнување на овие два услова – искуство и техника, секоја или речиси секоја класична операција се овозможува да се изведе и по лапараскопски пат. Придобивките за квалитетот на животот на болниот се многукратни при секоја од применетите процедури. Како еден од таквите примери секако e примената на лапароскопската хирургија во третманот на туморите и на другите заболувања на дебелото црево и ректумот. Покрај сите познати предности, таа овозможува и драстично да се намали бројот на пациентите коишто по операцијата се принудени да живеат со анус претер или торбичка. Со тоа, освен отстранувањето на болеста, се овозможува да се запази и квалитетот на животот на пациентите, што е особено важно и за пациентите и за нивните семејства”, нагласи проф. д-р Димов.

Брзо заздравување, скратено време на хоспитализација, помала болка и подобри резултати во споредба со класичните хируршки методи се клучните предности на лапароскопската абдоминална хирургија. Лапароскопската хирургија денес спаѓа во рутинска процедура во сите референтни хируршки центри во светот. Оваа хирургија е златен стандард во третманот на голем број абдоминални заболувања и состојби, особено затоа што  дава многу подобри резултати во лекувањето, во однос на класичната хирургија.