fbpx

Симулација: По земјотресот „Аџибадем Систина“ се справи со два пожари

30.09.2019

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ се одржа симулациска вежба на тема „Згрижување и евакуација на болни, повредени, посетители и персонал на безбедно место, прва медицинска помош, противпожарна заштита и справување со елементарни непогоди“.

Целта на вежбата беше да се провери нивото на обученост на персоналот за справување со елементарни непогоди, пожар и евакуација по настаната вонредна состојба.

Се симулираше справување со последиците од земјотрес со јачина од 5,2 степени што го погодил град Скопје, а кој бил почувствуван и во болницата по што се создала и паника. Дополнително, како последица од земјотресот, според симулацијата, настанале пожари кај разводните табли за три операциони сали во едната зграда и во болничката кујна на 7. кат во другата зграда. Настанатите пожари можело да предизвикаат опасност од можно проширување кон другите делови на Клиничката болница „Аџибадем Систина“ со што би можеле да доведат до загрозување на животите на пациентите, посетителите и вработените во болницата.

Во вежбата беа вклучени околу 70 лица од болницата, дополнително со помош од Дирекцијата за заштита и спасување, како владино тело кое е одговорно за спроведување вежби, и со вклучена единица на противпожарната екипа на град Скопје.

„Нашата болница покажа во овие симулации дека може да се справи во вакви ситуации. Овие елементарни непогоди не можеме да ги предвидиме, ниту можеме да го предвидиме интензитетот.  Веќе седум години работиме на оваа проблематика, а опремата што ја имаме  во моментот и обученоста што ја поседува персоналот даваат една гаранција за успешно справување со вакви вонредни настани“, изјави Марјанчо Јаневски, командир на единица за заштита и спасување.

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ редовно прави симулациски вежби за справување со пожари, а обученоста на персоналот и меѓународно усвоените стандарди, како „црвениот код“, потврдуваат за подготвеноста на болницата во вакви ситуации.

Вежбата се одржа во саботата, на 28 септември годинава.