fbpx

Стануваме дел од животот на пациентите

06.07.2017

Irena Jovanovska 4

Работата на Одделот за хемотерапија е предизвик но и одговорност за секој вработен. Потребно е да поседуваш позитивна енергија, но и голема посветеност и стручност, не само во работата туку и во односот кон пациентите кои се соочени со најтешката дијагноза. Ирена вели дека ова е местото каде што припаѓа и е горда на можноста секојдневно да помага и да им го прави денот подобар на пациентите.

Пациентите ја препознаваат нејзината пристапност и позитивната енергија што им ја пренесува со секоја нивна средба. Додека ја интервјуиравме, со широка прегратка ја пречека познатата писателка Исидора Бјелица, која не ги штедеше зборовите за, како што вели, мојот „син ангел“.

„Сестра Ирена е неверојатно стручна. Досега ниту еднаш раката не ми посинила кога ќе ме боцне за терапија. Покрај нејзината стручност, таа секогаш знае психолошки да се постави со секој пациент, а тоа навистина многу ни значи. Се радувам за секоја наша следна средба. Таа е мојот син ангел“, вели Бјелица.

Irena Jovanovska 2

Иако за себе вели дека никогаш не помислувала да работи со онколошки пациенти, денеска не би ја менувала оваа професија за ништо друго. Ја исполнува секој миг поминат со нив, а нивната насмевка за неа е најголемата награда.   

Што е  најважно во работата со онколошките пациенти?

Најважен е првиот контакт сестра-пациент. Овие пациенти се едни од најтешките кои имаат или се соочуваат со вистински проблем во животот. Поради тоа е многу важно како психолошки ќе им пристапиш. Кога ќе почнат со терапија се исплашени од она што ги очекува за време на лекувањето. Ние се трудиме да им го олесниме целиот процес и да ги охрабриме, да им бидеме нивна најголема поддршка. Секогаш сме ведри, насмеани и расположени, и кога не ни е до смеење. Кога се работи за односот кон пациентот сите приватни проблеми мора да се остават уште при самиот влез во болница. Нашата работа покрај професионалноста е да се потрудиш да им го разубавиш денот бидејќи овие пациенти најголем дел од лекувањето го поминуваат на нашиот оддел. Интересно е што и кога ќе завршат со лекување комуникацијата продолжува. Некогаш да си ги споделат маките, да добијат совет или да споделат некоја убава вест со нас. Ние стануваме дел од нивниот живот, дел од нивното семејство. 

Irena Jovanovska 1

Како се соочуваш со нивните приказни?

Тоа се луѓе кои се борат со една од најтешките болести на денешницата, и не може да не те погоди нечија животна судбина бидејќи имаме пациенти од секоја возраст. Но, секогаш се трудам да бидам присебна, да ги сфатам, да ги сослушам и на момент да се потрудам да им го отргнам вниманието од болеста. Правиме муабет на различни теми, а секоја изнудена насмевка па и мала среќа во нивните очи е, секако, голема награда за мене пред сè како човек и како медицинска сестра.

Што ви дава мотив во целокупното работење?

Задоволен и благодарен пациент е нашиот најголем мотив за работа. Кога ќе дојдат по завршен циклус на терапија, со добри резултати па среќни едвај чекаат да ја споделат со тебе веста дека успеале, дека болеста се повлекла, чувството нема цена. Нè гушкаат, се радуваат со нас, е тоа се тие моменти за кои вреди да ја работиш оваа професија. Знаеш дека тоа се искрени пријателства бидејќи онколошките пациенти се најискрени пациенти, или ќе те прифатат или не.

Irena Jovanovska 3

Колку е важна тимската работа?

Во овој домен од медицината најбитна е тимската работа, почнувајќи од докторите сестрите, болничарите и технолозите, бидејќи сите заедно се трудиме на секој можен начин да им го олесниме процесот на лекување. Често знаеме да им приредиме мали изненадувања. Сите ние сме во постојана комуникација и сме достапни 24 часа, некогаш за некој проблем, некогаш само да си поразговараме.