fbpx

Живеам во светот на децата

13.06.2017

Елизабета Петрушева, или накратко сестра Бети, е најдобриот пријател на дечињата од Стационарот за детски болести. И по 32 години работа со деца, таа го има истиот елан и ентузијазам, и би рекле детски немирен дух во секојдневната грижа за најмалите пациенти. Ги знае сите детски песни и со задоволство им ги пее на дечињата. А тие не можат да ја сокријат детската искрена насмевка кога на вратата од болничката соба ќе се појави нејзиниот лик.

„Јас го познавам светот на децата, и ми е убаво кога живеам во тој розов свет. Отсекогаш сум сакала да работам со деца, тие се чисти и невини суштества. Сакам да живеам во нивниот свет и единствено тој свет го разбирам. Светот на возрасните е комплициран, а на децата е толку чист и спонтан“, вели сестра Бети.

32 години поминати во грижа за болни дечиња е само доказ дека работата не е само обврска туку пред сè е безусловна љубов и посветеност кон најмладите пациенти.

-На самиот почеток имав понуда да работам на Одделот за кардиологија или на Одделот за детски болести, но се одлучив за работа со децата и не згрешив. Последните 3 години работам на Одделот за педијатрија во „Аџибадем Систина“ и сум пресреќна што децата тука имаат навистина прекрасни услови. Почнувајќи од уредените соби, до реквизитите, хигиената и високообучениот тим, кој постојано е со нив.

Честопати им пеете на децата, кои се песничките кои најмногу ги сакаат?

-„Зелката има кошули триста“, „Никола, Никола“… има безброј детски песни, а јас знам навистина многу. И секој ден учам нови песнички. Ако го познаваш светот на децата, тогаш треба да ги знаеш сите работи што нив ги прават среќни. Ако некое детенце ја сака многу некоја песна, се трудам да ја научам додека е во болница. Треба да ги чувствуваш децата. Тоа им го кажувам и на младите сестри со кои работам, треба да знаеш како да допреш до децата, да знаеш што сакаат, да им угодуваш.

AcibademSistina Elizabeta Petrusheva 3

Имате посебен пристап и кон мајките, кои најчесто престојуваат заедно со децата

Мајките се многу вознемирени прво поради состојбата на детето. Ако наидат на нељубезен прием, тоа уште повеќе ги прави несигурни и вознемирени. Треба да им дадеш поддршка за да имаат поголема самодоверба и доверба во самата институција, во мене како сестра која ќе работам со детето и полека да ги прилагодуваш и информираш за сè што ќе треба да се прави со детето. На мајките чекор по чекор им објаснувам сè што ќе правам со нивното дете. Мајката е најважна за детето, доколку таа е смирена, таа тоа ќе му го пренесе и на детето, и обратно. Вознемирени мајки прават немир и кај детето.

Колку е тешко да се даде терапија на мали дечиња

Да, не оди секогаш сè така розово, но ние сме подготвени на работа со најмалите пациенти. Тие плачат, вознемирени се, болни, со температура.  Затоа велам дека педијатријата е специфична дејност, и грижата на децата бара навистина голема трпеливост, разбирање и угодување.  Покрај тоа што на децата им пеам, ако видам дека некое од нив е вознемирено, го земам кај мене, ќе го прошетам да се запознае со околината, да не се плаши и да се чувствува сигурно. Да види дека нема ништо страшно, им давам играчки, цртаме, боиме. Едноставно, стануваме најдобри другари и тоа е успехот. Кога детето ќе те пушти во неговиот свет, многу полесно ќе можеш да му дадеш терапија, да му направиш инхалација, да му го боцнеш рачето за да прима инфузија. 

AcibademSistina Elizabeta Petrusheva 2

Колку на крајот од денот Ве исполнува работата?

Најмногу, затоа сиве овие години работам со децата. Не ми е воопшто проблем да работам со деца. Детската невиност и прекрасна насмевка ми даваат сила секојдневно да се грижам за нив.  Бидејќи работам со многу љубов и давам многу љубов кон децата, знам дека таа е обострана.

За колегите и тимската работа, Бети вели дека тие се еден голем и професионален тим кој има големо искуство во работа со деца. Работата во високопрофесионални услови е мотив за сите нив заедно да се докажуваат и да го дадат својот максимум бидејќи децата ја заслужуваат најдобрата нега.