fbpx

Приоѓам со љубов и кон пациентите и кон колегите

07.02.2017

Непосреден и дружељубив со секого, тој е омилен кај голем дел од вработените, особено кај пациентите, кои со пофални зборови зборуваат за грижата кон нив. Самир е болничар на стационарот за хирургија од првиот ден од отворањето на „Аџибадем Систина“. Единствен е по многу работи, најмногу во ширење позитивна енергија и ентузијазам во секојдневната работа.

„Сакам да им помагам на луѓето, тие се тука бидејќи им е потребна помош, и секоја насмевка и добар гест многу им значат“, го раскажува Самир мотивот поради кој пред 7 години аплицирал за работа во Болницата.

Не постои индивидуална задача, ние сме тим

За важноста на својата улога во грижата на пациентите скромно вели дека за успех во грижата за пациентот е потребна тимска работа.

„Тука се работи тимски, секој од нас има индивидуална задача, но на крајот од денот задоволството на пациентот зависи од целиот тим. Почнувајќи од доктор до болничар и хигиеничар, сите имаме одговорност пред пациентот. Многу е важна тимската работа, сите се подеднакво вложени во грижата за пациентите. Затоа и пациентите се задоволни бидејќи гледаат дека имаме добра организација и решение за секој нивен проблем.

Што Ве мотивира секогаш да бидете толку непосреден и позитивен?

„Сакам да им помагам на луѓето, тука не доаѓаат за да одмораат, дошле бидејќи имаат некоја мака и им треба помош. Многу е важно да ги пречекаме со насмевка, премногу им значи едно добро утро. Многу е важно пациентите да имаат доверба во нас и да знаат дека сме тука за да им помогнеме. Ние сме постојано во движење и не забележуваме многу работи, но тие лежат во кревет и верувајте дека го забележуваат секој наш добар гест, секоја подадена рака.

Има многу случаи за овие 7 години што ме промениле и како човек. Животот е премногу краток за да мислиме и правиме лоши работи и дела. Треба да го цениме животот и да сме благодарни што сме здрави и што можеме да уживаме во секојдневните работи. Затоа треба да бидеме љубезни кон оние кои во одреден момент од животот не се во добро здравје.

Таков сум и надвор од работната средина, позитивен, непосреден и секогаш насмеан. Приоѓам со љубов и кон колегите и кон пациентот. 

Колку закрепнувањето на пациентите Ве прави задоволен и среќен на крајот од денот

Стационарот за хирургија е тежок оддел, со тешки пациенти. Често тие се неподвижни, па не можат да се грижат ни за најосновните потреби. Сите сме на прво место луѓе, па нормално е да сочувствуваме со состојбата на оние за кои секојдневно се грижите. Наше е да помогнеме. Нивното закрепнување многу ни значи. Кога ќе слушнам дека некој заздравил толку добро за да може да си оди дома ме прави среќен. Посебно кога ќе кажат дека се среќни и задоволни од третманот тука.

Како реагирате на позитивните коментари од пациентите?

Ќе бидам искрен, многу ми значи кога самиот пациент ќе ми каже фала. Честопати тоа го слушам и од нивните семејства кои се благодарни што се грижам за нивниот татко, сопруг, дедо… За овие седум години досега имам слушнато голем број пофални зборови, дали директно упатени кон мене или во анкетните листови каде стои моето име. Тоа е дополнителен мотив да бидам уште подобар.

За работната средина, Самир вели дека е среќен што работи со професионалци и луѓе максимално посветени во работата.

„Персоналот е прекрасен, сите се професионалци и вредни работници. Многу ми е битно што сум со ваков персонал и во вакво опкружување. Јас сум пријател со сите, не само со колегите од одделот каде што работам. Имаме одлична соработка со колегите, секогаш работиме во корист на пациентот, да се изврши работната задача. Сакам да ја издвојам мојата колешка Славица, со која сме тука уште од самиот почеток. Потоа, Александар и Миодраг, медицинските сестри Кате, Ирена, Ивана, Исидора и Сашка, како и цел тим физиотерапевти од кои многу научив за работата со пациентите. Сите тие се на прво место пријатели, па потоа колеги. Мене ми е најважно да си човек“, вели Самир.

Samir 5