fbpx

ПРВО ЛАСЕРСКО ОТСТРАНУВАЊЕ НА ТУМОР НА МОЧЕН МЕУР КАЈ ПАЦИЕНТ БЕЗ ПРЕКИН НА АНТИКОАГУЛАНТНА ТЕРАПИЈА

13.03.2023

Ресекција на тумори на мочен меур со холмиумски ласер или HoLRBT (Holmium Resection of Bladder Tumors) претставува безбеден и минимално инвазивен метод за хируршки третман на тумори на мочен меур. Предноста на оваа процедура во однос на конвенционалните методи е тоа што може да се користи кај пациенти што примаат антикоагулантна терапија и нема потреба од нејзино прекинување, има помали шанси за повреда на ѕидот на мочниот меур и се прави комплетно отстранување на туморот. Со оваа метода, покрај тоа што се отстранува туморот, се отстранува и околната мускулатура во целост, што пак ја олеснува работата на патологот и претставува голема предност во дијагностицирањето и одредувањето на стадиумот на болеста.

„Конкретно, нашиот пациент беше маж на возраст од 69 години примен со крвавење во урината (хематурија), на терапија беше со клопидрогел (плавикс), поради периферен бајпас, дијабетичар со генерализирана атеросклероза. Дијагностициран беше тумор на мочен меур со големина од околу 3 сантиметри. Пациентот итно без прекин на антикоагулантната терапија беше внесен во операциона сала, а процедурата беше завршена бескрвно, со ласер Quanta Cyber Holmium 150 W.“ – изјави д-р Александар Мицковски, специјалист по урологија и шеф на Одделот за урологија.

69-годишниот пациент без крвавење и без катетер, како и без трансфузија на крв и крвни деривати, си замина од нашата болница веќе следниот ден.