fbpx

ПРОФ. Д-Р НИКОЛИЌ НАПРАВИ БАЈПАС КАЈ ИТЕН ПАЦИЕНТ ПОЗИТИВЕН НА КОРОНАВИРУС

28.01.2021

Педесет и осумгодишниот Ванчо Ангелов е еден од пациентите кај кои и покрај тоа што биле позитивни на коронавирусот е извршена интервенција во Клиничката болница „Аџибадем Систина“.

Кардиохируршкиот тим предводен од проф. д-р Александар Николиќ направил бајпас кај овој пациент кај кој претходно во друга здравствена установа било направено и стентирање. Д-р Николиќ вели дека интервенцијата поминала добро и веднаш по неа пациентот е пуштен на домашно лекување. Сепак, значајно е што тој добил можност да биде третиран и покрај тоа што бил ковид-пациент. Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ и покрај пандемијата, во специфично прилагодена процедура се извршуваат итни операции и на ковид-пациенти. Иако досега не беше вообичаена пракса да се интервенира кај пациенти кои се позитивни на вирусот и тие се оставаа да го прележат вирусот и покрај итноста за интервенција, тоа сега не е случај. Со ова, болницата демонстрира исклучителна грижа за сите граѓани без оглед на специфичноста која за здравјето на пациентот и на медицинскиот им ја има Ковид -19. Ванчо Ангелов дошол во „Аџибадем Систина“ со силна градна болка, а се жалел и на замор и покрај извршениот стент претходно, пред 15 дена. По прегледот д-р Николиќ утврдил дека треба да се направи бајпас. „Пациентот имаше нестабилна ангина и беше итен пациент, односно по прегледот стана јасно дека ако не се интервенира можен е фатален исход. По стандардна процедура и тестирање се утврди дека е позитивен на коронавирусот, но тоа не беше пречка и одлучивме да го оперираме, едноставно не размислувавме“, вели д-р Николиќ. Оваа интервенција за сиот тим можеби била покомплицирана поради целата заштитна опрема, но д-р Николиќ вели дека генерално немале никакви задршки затоа што болестите често знаат да бидат и здружени, како што вели, па се оперираат пациенти и кои се малигни и кардиолошки болни на пример.

storija nikolic

По операција, пациентот е хоспитализиран во посебен бокс за интензивна нега изолиран со двојни врати и негативен притисок. „Тоа можеби не е едноставно, затоа што мора да организирате посебен протокол, специфични услови, да се адаптира операционата сала, посебен е начинот на облекување, се почитуваат сите мерки за заштита. Потребен е кадар кој добро ги познава мерките за да ги спроведе. Сепак, досега не сме соочиле со ваква пандемија, со ваков вирус. Трае речиси една година и ние мораме да се научиме како да функционираме во вакви услови“, вели проф. д-р Николиќ. Пациентот сега се чувствува добро, задоволен е од третманот во болницата. Вели дека д-р Николиќ му го спасил животот.

ВО „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ СЕ ИЗВЕДУВААТ КАРДИОХИРУРШКИ ОПЕРАЦИИ И КАЈ КОВИД-ПАЦИЕНТИ

Проф. д-р Николиќ објаснува дека во случај на кардиохируршка интервенција прво се снимаат и белите дробови, па ако вирусот не направил проблеми се преминува кон интервенција и покрај тоа што станува збор за ковид-пациент. Искуството досега е позитивно, па сите случаи имаат добар исход, односно не се појавиле компликации. Д-р Николиќ вели дека закрепнувањето е индивидуално кај секој пациент, но дека секако во првите седум дена пациентот останува на болничко лекување затоа што има послаб имунитет. Направени се повеќе интервенции, една е операција на младо момче на кое му пукнала аортата.

storija nikolic

Пред операцијата, која во ваков случај е итна, било утврдено дека е позитивен на коронавирусот. Сепак операцијата е извршена. „Веднаш се мобилизиравме, се заштитивме целосно и ја извршивме операцијата. Симптомите не смеат да се игнорираат, односно ако оставивме и не реагиравме брзо пациентот можевме да го изгубиме. Ковид направи паника во светот, но ние не смееме да заборавиме и дека и другите болести и натаму се присутни. Не треба да се заборави дека 51 отсто од луѓето умираат од кардиоваскуларни проблеми“, вели д-р Николиќ. Иако нема голем обем на вакви интервенции, сепак шанса за добиваат и тие кои досега немаа можност да бидат третирани на време само поради тоа што се позитивни на вирусот.

„Задоволен сум од целиот тим во ‘Аџибадем Систина’. Се чувствувам добро, имав целосна грижа и одлични услови во болницата, постојано беа со мене. Бев многу уплашен како ќе помине сето ова, особено откако се потврди дека сум позитивен на коронавирусот. Д-р Николиќ ми даде сигурност дека проблемот ќе се реши и навистина се случи тоа“, вели Ангелов.