fbpx

Престиж е да се биде дел од тимот на „Аџибадем Систина“

19.12.2018

По посебен протокол и во стандардизирана процедура што ги одвојува од сите други клинички болници во регионов, работат медицинските сестри во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Со посебна љубов и емотивно својата приказна ја раскажува Ирена Нечовска, медицинска сестра на одделот Гинекологија и акушерство, која е дел од тимот на болницата уште од самиот почеток. Вели дека ја сака оваа работа, ја исполнува, но вели дека и таа е целосно посветена на грижата за пациентите. Во „Аџибадем Систина“ таа и нејзините колешки имаат простор за постојан професионален развој, па вели дека е престиж да се биде дел од тимот.

На колеџот за акушерки во Лондон стекнува големо искуство

Секој кој го следи развојот на сестринството во земјите во Европската Унија и надвор од неа знае дека сестринската улога е издвоена како професија од другите здравствени струки, но многу е важно што заедно обезбедуваат комплетна здравствена нега и заштита.

„Сето тоа бара континуирана едукација. Јас најмногу научив во Лондон на колеџот за акушерки. Таму во праска го видов тоа што го читаме на интернет – што значи професијата да биде издвоена, сестрата да биде оспособена да работи самостојно, но и како дел од тимот. Тие услови ни ги дава оваа болница. Но, и секоја година одиме напред. Се развиваме во нашето знаење, па сигурно можам да кажам дека е престиж да се биде дел од ‘Аџибадем Систина’. Секој од нас посакува да работи во ваква болница“, вели сестра Ирена.

Инаку, JCI-стандардот пред сè значи целосна безбедност на пациентот, но и на вработените. Сестра Ирена вели дека грижата е иста за кој било пациент. Со пациентот се остварува комуникација уште при влезот па комплетниот однос се гради според протоколот со сестрите. Таа е одговорна за физичката, но и за психичката состојба на пациентот.

„Аџибадем Систина“ е единствена болница каде што има сестринско досие

„Секоја сестра која работи во оваа болница ги нотира сите интервенции, сите податоци и промените на здравствената состојба на пациентот во сестринско досие. Една од обврските на сестрата е да биде адвокат на пациентот, да се грижи за неговата состојба и за промените да го информира и докторот“, вели Нечовска.

И по осум години не се намалува љубовта и посветеноста кон работата

Во нејзиниот работен век била на неколку работни позиции. Сепак, сега е посебно среќна затоа што работи на местото од каде и почнала пред 8 години – на Одделението за гинекологија и акушерство.

„Во ‘Аџибадем Систина’ сум од 2010 година. Работата ме прави среќна и радосна. Можноста да се работи во родилна сала е преубаво чувство. Имате привилегија да сведочите на моментот кога почнува нов живот. Ние како медицински сестри акушерки и понатаму се грижиме за новороденчиња, нивната насмевка, среќа, радост е доволен знак за да се чувствуваме задоволно. Прекрасно е чувството кога ќе го видите ликот на мајката кога го држи бебето.  Кога ја гледате мајката како го учи  своето дете да јаде, како го храни, не може да се опише тоа чувство. Треба многу љубов за да го работите ова. Оваа професија го бара од нас најхуманото“, раскажува Нечовска.

А секој од нас некогаш бил пациент. Тоа медицинските сестри од „Аџибадем Систина“ го знаат и сакаат да помагаат. Тоа го прават и надвор од работното време. Секоја судбина, секоја потреба, секој пациент за нив е еднаков. Секој им е важен, а секој има сопствена приказна. Таква има и Нечовска.

Различни судбини, многу нови пријателства 

Сестра Ирена и тимот од Одделот за гинекологија и акушерство целосно се посветени  на пациентите. Таа вели дека честопати покрај професионалната грижа за пациентите, се случуваат и голем број пријателства. Со задоволство сподели пример каде што поради стекнатата доверба и пријателски однос, таа и целиот тим од Одделот за гинекологија и акушерство биле поканети на првиот роденден на ќеркичката во семејството Мираши, кои поминале многу премрежија за да станат родители.

„Со задоволство јас и неколку колешки бевме дел од тој роденден, а тие нè примија како дел од своето семејство“, вели сестра Ирена.

Годините посветени на едукација и искуството што го има сестра Ирена е од големо значење за целокупниот тим. Таа со задоволство учествува во едукација и на помладите медицински сестри, соработува со медицинските сестри и од други оддели со што во голема мера се зајакнува тимската работа, а тоа е од големо значење пред сè за пациентите.