fbpx

ПОСВЕТЕН НА РИТАМОТ НА СРЦЕТО И ОДГОВОРЕН ЗА РИТАМОТ НА МУЗИКАТА Д-Р АНТОВ Е ЕДЕН ОД ПОЗНАТИТЕ ТАПАНАРИ ВО ЗЕМЈАВА

16.11.2020

Дете кое треперело кога војникот, од воениот оркестар, му дозволил да ги проба и да се послужи со тапаните во Домот на АРМ, покрај тогашното републичко собрание – пред и по настапот. Душа која не може да се смири од љубовта кон овој музички инструмент. Колку само била искрена и колку е голема кога и до денеска докторот Антов, сега познат кардиолог, со посебна возбуда зборува за своето хоби – ритмиката и тапаните. Бил мал кога ја почувствувал музиката како потреба. Уште во основно, на 11 години д-р Слободан Антов станал дел од училишниот хор. Се присетува, тогаш за тоа била заслужна наставничката Олга Бјелица. За неа вели дека го внела во тој свет без ограничувања. Подоцна како член на хорот сепак, вели докторот, уште не бил свесен колку музичкото образование е важно за еден човек – за формирањето на личноста како социјално битие. Но до ден денешен е пасиониран тапанар. Еден од познатите во земјава. Поминал многу со нив – купил неколку – свирел со посебна жар. Тоа трае уште.

Душа која не може да се смири од љубовта кон овој музички инструмент. Колку само била искрена и колку е голема кога и до денеска докторот Антов, сега познат кардиолог, со посебна возбуда зборува за своето хоби – ритмиката и тапаните.

dr antov
 

ПРВИ ПАЛКИ, КОПНЕЖ ПО ТАПАНИ

Во тоа време, односно на 12 години д-р Антов имал прв контакт со тапаните. Вели дека неговите постари брат и сестра слушале музика од Мантовани, Пол Мориа, Франк Пурсел. „Би го издвоил од овој период Џорџ Гершвин, кој посебно ме воодушевуваше. Од домашните изведувачи ги слушав Радмила Бакочевиќ, Живан Сарамандиќ, Зденка Ковачичек и повеќе други автори и музичари. За време на една приредба во Домот на Армијата, во близина на републичкото собрание, каде што настапувавме со хорот, војникот кој свиреше на тапани ми дозволи и пред и по настапот да седнам и да пробам да удрам на тапаните, откако забележал дека упорно го набљудувам. Тоа беше 1973 година и од тогаш тргна приказната“, почна д-р Антов. Првите палки ги купил во продавницата кај „Рекорд“ – „Музички магазин“. Често свои палки подоцна, правел и сам кај мајстори столари. Дома, вели, обично вежбал кога бил сам, но на импровизирани тапани. Најчесто од некои предмети, делови од мебел и украси, како на пример кристални вазни. „Се обидував да го следам она што го слушав на радио, подоцна на грамофон, магнетофон, касетофон. На еден од летните одмори во местото Слано, кај Дубровник, во хотелот „Адмирал“ настапи групата „Тајм” и нивниот тапанар ми ги даде палките со кои настапи, што дополнително ме мотивираше“, вели д-р Слободан Антов. СИТЕ ТАЈНИ НА ОВОЈ ИНСТРУМЕНТ

Посебен дел од неговата љубов, посебен период од неговиот живот е моментот кога ги добил и тапаните. Вели дека тоа е по пет години притисок кон родителите и домашните, а по неколку скршени вазни. „Тоа беше комплет „Tacton” од 4 елементи и две чинели . Прво што се обидов е по слух да ги наштимам и увидов колку е комплексен и колку тајни крие овој инструмент. Тапаните ми беа сместени во собата на мојата баба, која секој пат ме поддржуваше во оваа моја желба“, вели д-р Антов. Додава дека во тоа време посебен албум му е „When the eagle flies” од групата „Трафик“ од 1974 година, со Стив Винвуд и Џим Капалди на тапани. Тој носач на звук му станал музичка основа и го слушал безброј пати. Сепак, како што вели, за жал, никогаш не успеал да присуствува на нивен жив настап или на настап на членовите на овој бенд. Го слушал и Карлос Сантана, односно албумот „Caravanserai” со кој практично видел што сè може една одлична ритам секција. Тапанарите и перкусионисти Жозе Чепито, Ариас, Михаел Карабело, Армандо Пераза и Џејмс Минго Луис, кои свиреле на албумот, вели, едноставно биле недостижни за него. „Тоа ме натера да разберам дека ми недостига музичко образование и основа за да продолжам со ова мое хоби. Почнав прво сам да учам колку можам. Тапаните и ударните инструменти воопшто не се лесни за совладување. Почнав да учам да читам ноти, да ги совладувам основните музички структури. Секој слободен миг го користев да вежбам, сè подолго и подолго, а посебно откако се преселивме да живееме во куќа и кога добив одлични услови да вежбам во посебна просторија со сите услови, а истовремено да не пречам на околината. За да се проверам себеси се пријавив за испит за естраден уметник, кој го положив лесно и тоа ми даде самодоверба да продолжам“, раскажува д-р Антов.

dr antov
 

ТАПАНИТЕ ОД ТАПАНАРОТ НА AC/DC

Потоа следеле и настапи. Во тоа време по клубови, кои најчесто биле по подрумски простории, во дискотеки и пабови, но и во „Луна парк”. Но, д-р Антов свирел и на прослави, па и на свадби. Целта му била да собере пари за да купи нови подобри и поголеми тапани. Самиот вели дека тоа го правел прво дискретно, без голем публицитет. Така и успеал. Собрал доволно и во 1981 година отишол во Штутгард да ги купи првите професионални тапани. Станува збор за тапани „SONOR” од серија „Phonic” со чинели „Paiste” 2002, Sound Edge 14” Hi-hat , 2002 Medium Crash 20”, Crash 22”, Splash 18” и 602 Flat Ride 22”, Cowbell. Во тоа време таков тапан свирел Фил Рад, тапанарот од AC/DC. „За да ги научам македонските ритми одев да ги слушам инструменталистите во КУД ‘Владо Тасевски’. Во тоа време преку мојот родител, кој се познаваше со Драган Ѓаконовски – Шпато, добив и материјал, односно аудио и записи од Бади Рич, Елвис Џонс, Фили Џо Џонс, Џек Дежонет и други џез-тапанари. Но и тоа не беше доволно. Преку мој роднина стапив во контакт со Гарабет Тавитјан – Гаро, кој несебично доаѓаше дома да ми покаже како и што да вежбам. Редовно ги посетував и пробите на „Леб и сол”, каде и да се одвиваа, дали во МКЦ, бараките кај Машински факултет или Градскиот трговски центар“, раскажува д-р Антов. Од домашните бендови во тоа време, односно крај на 60-тите и 70-тите години, вели дека би ги издвоил „Тајм” каде свиреше Дадо Топиќ, а тапанари биле прво Ратко Дивјак, потоа Петар-Пецо Петеј, „Смак” . Од настапите во живо на македонските популарни бендови од тоа време, како и од југословенските простори д-р Антов ги издвојува настапот на „Азра“ со Борис Лајнер на тапани во Домот на младите „25 Мај“, сегашен МКЦ. Македонски бендови со најсилно влијание, кои му биле пример за добра музика, се „Леб и сол” каде на тапани свирел Гарабет – Гаро Тавитјан, а подоцна „Ден за ден”, односно Димитар Чочоровски на тапани, па „Пу”, „Бис без”.

БЕНД ПА МЕДИЦИНА

Потоа дошол периодот кога мислел да свири во бенд. „По една проба на ‘Леб и сол’ кога се подготвуваа за турнеја ми пристапи Александар Џеповски и ми понуди место во група која подоцна ја нарековме „Пеницилин”. Во почетокот членови беа Александар Џеповски – бас, Венко Серафимов – гитара, Лазар Стрезов – гитара, Сејат Јакупи – вокал, Зоран Пехчиевски – клавијатури и јас на тапани. Тоа беше мој прв контакт со авторска музика. Тогаш доминираше ентузијамот па пробите ги имавме дури во Визбегово. По разидувањето, кога два члена останаа во „Пеницилин”, а тројца го формираа „Конкорд”, јас поминав во составот „Уста на уста”. Тогаш ми се исполни уште една моја голема желба да влезам во студио и да снимам. За мене тоа беше ново и многу важно искуство“, вели д-р Антов Следувале настапи во живо – на Сајмиште, Охрид. „Позитивната трема и адреналинот пред настап не може ништо да ги замени. Тапанарите секогаш се во позадина, но со својата цврстина, прецизност и инвентивност и тоа како можат да се истакнат. Од оваа временска дистанца мислам дека во повеќе наврати сум успеал да го постигнам тоа“, раскажува тој. Сепак, дошол периодот кога морал да се одлучи дали ќе продолжи со определбата да биде, како што вели, „доктор за срце“, затоа што и неговата сестра го учела тоа веќе. Се посветил на медицината и правел пауза од инструментот од 1988 до 1999 година, до неговиот работен едногодишен престој во Бергамо, Италија, каде што запознал едно свештено лице – опат кој сакал да научи да свири тапани. По воспоставениот контакт успеал да има два три настапи со нивни музичари и едно свирење во локалната катедрала. Тоа искуство, вели д-р Антов, е импресивно и не може да се опише со зборови. По две-три години купил и електрични тапани, прво ”D-drum”, а потоа ”Alesis”, на кои повремено на слушалки свирел она што го сакал и со кого сакал. ЉУБОВ ШТО ТРАЕ И овде не завршува. Во 2014 година д-р Антов пак почнал да свири, повторно купил акустични тапани. ”Premier” со чинели ”Zildjian”, ”Istanbul Mehmed” и ”Agop”, ”Mainl” и ”Masterwork”. На подарок добил и комплет ”Tama”. Во периодот од 2014 до сега активно има проби со бендот со кој свири (”The Brothers Band”). Имаат и настапи овде и во странство. Од репертоарот на бендот нагласува една нивна обработка на народната песна „Ој девојче ти тетовско јаболче”, која е позната и како турска народна песна „Kâtibim“, или „Üsküdar‘a Gider İken“, а се изведува во повеќе од 26 земји и на повеќе континенти. Докторот вели дека со задоволство сака да оди на настапи и да ужива во музиката. „Кога одам на патувања исто така ја користам можноста, доколку времето ми го дозволува тоа, во вечерните часови да се опуштам со некој жив настап на некој бенд. Секое ново искуство ми претставува инспирација, ме смирува и мотивира да посветам повеќе време за оваа мое хоби. Некојпат одвојувам по неколку часа на ден за слушање музика и во обиди музички да се вклопам со тапаните. Музиката смирува, ги развива естетските чувства, поттикнува на позитивните емоции, култура на однесување, креативност, самостојност, тимската работа и одговорност и ги развива на интелектуалните функции“, вели д-р Антов. Тој слуша и класична музика, најмногу Чајковски, Шопен, Вивалди, Бах, Бетовен, Шуберт, Верди.