fbpx

ПО ТЕШКАТА СООБРАЌАЈНА НЕСРЕЌА, АРБНОРА УСПЕА ПОВТОРНО ДА ЗАСТАНЕ НА НОЗЕ

07.03.2023

По исклучително тешката сообраќајна несреќа во која 28-годишната Арбнора од Косово се здобива со комплетна парализа на долните екстремитети, надежите дека повторно ќе застане на нозе биле сведени на минимум. Проф. д-р Јордан Савески, хирургот што ја презел како итен случај, од денешна перспектива вели дека таа е вистинско чудо на медицината и е навистина горд што денес ја гледа застаната на нозе, со желба да се бори за следните животни предизвици.

АРБНОРА Е ДОНЕСЕНА КАКО ИТЕН СЛУЧАЈ

Сообраќајната несреќа се случила во Приштина, каде што Арбнора првично била згрижена од медицинска екипа на местото на настанот. Веднаш била пренесена во Ургентниот центар во Приштина, како итен случај. Оттаму доаѓа и првата препорака за Клиничка болница „Аџибадем Систина“, конкретно за проф. д-р Јордан Савески кој е врвен експерт за политрауми и третман на пациенти со тешки повреди. „Во Клиничка болница ‘Аџибадем Систина’ дојдовме по препорака на наш роднина, кој веќе имаше позитивно искуство со проф. д-р Јордан Савески. Тој буквално ми рече, ако сакаш да имаш успех, единствен доктор што може да ти помогне е д-р Савески. Гледајќи го денешниот успех и колку голем напредок имам, благодарна сум за вистинската препорака. Без двоумење, со моите родители одлучивме да бидам донесена во Клиничка болница ‘Аџибадем Систина’“, се потсетува Арбнора на првите часови по несреќата и соочувањето со тешката дијагноза. Во Клиничка болница „Аџибадем Систина“ доаѓа со медицински транспорт.

arbrora

УДАРОТ ПРЕДИЗВИКАЛ ТЕШКО ОШТЕТУВАЊЕ НА ‘РБЕТНИОТ МОЗОК

По приемот во Ургентниот центар на „Аџибадем Систина“, веднаш биле направени првичните иследувања и била направена магнетна резонанца. Резултатите укажувале на тешко оштетување, буквално згмечување на ‘рбетниот мозок и целосна парализа на долните екстремитети. Ваквата состојба барала и итна операција што ја предводел проф. д-р Јордан Савески и неговиот тим. „Арбнора беше донесена во исклучително тешка состојба и нашата прогноза беше далеку полоша од ова што денес се случува и на што сум горд. Тешката сообраќајна несреќа предизвикала сериозни скршеници на ‘рбетниот столб и тешко оштетување на ‘рбетниот мозок. Веднаш беше пренесена во операциона сала каде што е направена декомпресија на ‘рбетниот мозок, репозиција и фиксација на скршениците. Оперативниот тек помина во најдобар ред, по 11 дена хоспитализација беше пуштена дома. Додека беше во нашата болница, се спроведуваше рана физикална рехабилитација, но тоа беше само почеток. За ваков тип повреди, потребна е долга постоперативна рехабилитација во специјализиран Центар за спинална рехабилитација“, вели д-р Савески.

АРБНОРА ЗАСТАНА НА СВОИТЕ НОЗЕ

Вистинско чудо, така проф. д-р Савески го нарекува напредокот на Арбнора. Како професионалец, досега се има соочено со голем број вакви или слични состојби каде што не секогаш се враќаат сите функции во нормала, па затоа е исклучително горд на успехот на Арбнора.

arbroa

ВЕЧНО ЌЕ МУ БИДАМ БЛАГОДАРНА НА Д-Р САВЕСКИ

Арбнора Истогу е девојка со многу позитивна енергија и верба кои биле пресудни да го преброди најтешкиот период во животот. Една година по немилиот настан, по поминати бројни третмани и упорност, таа успева да застане на нозе, а тоа, како што вели и самата, го должи на стручноста на проф. Савески. „Многу сум задоволна од д-р Савески, тој е мојот спасител. Неговата стручност и брза реакција ме станаа од кревет. Сакам да ѝ се заблагодарам и на доктор Неда Трајковска, која беше постојано до мене, ми беше голема поддршка и мотивација. Задоволна сум од целиот тим на физиотерапевти кои се грижеа за мене во првите денови по операцијата. Генерално, целиот третман беше премногу професионален и навистина сум среќна што го одбрав најдобриот тим“. „Следуваат уште многу предизвици, но ова што сега се случува ми дава голема надеж дека сè ќе биде добро“, вели Арбнора. Пред неа сè уште претстои период на рехабилитација, кој бара упорност и издржливост, но одличните резултати се нејзин најголем мотив да продолжи за комплетно да се врати во форма.