fbpx

По отстранувањето на туморот на мозок Филип освои две бронзени медали во пливање

10.12.2018

Буди емоции и инспирира. Приказната на четиринаесетгодишниот Филип Петровски без дилема го разгорува оптимизмот, ги бранува чувствата. Само два месеца по невролошката интервенција, Филип освои две престижни награди на регионалниот пливачки натпревар во Софија во дисциплините 50 метри краул и 50 метри грбно. Ги надминал стравовите и ги остварува сништата. Болеста го пресретнала како дете, но за среќа, по интервенциите во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, таа не му ја спласна амбицијата за пливањето.

Интензивно, двапати неделно, со својот тренер се подготвувал за натпреварувањето во Софија. Освоил две бронзени медали со што, сепак, најгорди се неговите родители. Борбата траела десет години. Филип имал тумор на мозокот, кој бил изваден пред пет години. Сепак, проблемот не завршил тогаш. Сега Филип е на нов пат.

99 отсто од докторите биле скептични, не и доктор Лозанче

Слободанка Петровска, мајката на Филип, вели дека остварувањето на сонот на нејзиниот син немало да е реалност без поддршката од Клиничката болница „Аџибадем Систина“  и проф. д-р Кирил Лозанче, неврохирургот кој ја извел и првата операција на Филип. Рецидив на туморот кој пред пет години бил отстранет ја наметнал потребата од нова неврохируршка интервенција. Родителите немале доволно финансиски средства за операцијата, но тоа го решила Клиничката болница „Аџибадем Систина“, која одлучи операцијата да ја изведе без дополнителни трошоци за семејството Петровски.

„Животот е поважен од сè друго. Сакам да кажам дека сите треба да им веруваме на нашите доктори пред да одлучиме да бараме помош надвор од Македонија. 99 проценти од докторите кои претходно ги консултиравме беа скептични за неговата здравствена состојба. Голема благодарност до Клиничката болница Аџибадем Систина, особено до докторот Кирил Лозанче, со кого имаме одлична  комуникација. Оваа интервенција немаше да се случи без него и без современата опрема којашто ја поседува оваа голема болница. Презадоволни сме од сè што направија, ни донесоа среќа во животот“, вели Слободанка, мајката на Филип.

Четиринаесетгодишникот сега е самостоен, сам ги извршува сите секојдневни обврски иако до пред два месеца не можел ни да се облекува сам. Слободанка вели дека по десет години, Филип првпат излегол без неа и тоа на патување надвор од Македонија.

Со примена на невромониторинг за следење на оперативното поле

Мајката не ја крие среќата, сега и таа се вработила и може целосно да се посвети на своите обврски. Филип заздравува  успешно, а неговата волја била пресилна.

Докторот Кирил Лозанче вели дека операцијата на Филип била сериозен предизвик, пред сè поради специфичната локализација на туморот.

„Запознат бев со состојбата на Филип бидејќи го следам неговиот случај уште од пред пет години, кога ја направив и првата интервенција. За жал, туморот се повтори и беше потребно повторно да се направи операција на главата. Во лекувањето беше вклучен мултидисциплинарен тим составен од неврохирурзи, невролози, анестезиолози и онколози. За безбедноста на интервенцијата во голема мера помогна и примената на невромониторинг преку кој се следи оперативното поле при што не постои можност за повреда на нерв при интервенцијата. Операцијата помина во најдобар ред“, вели проф. д-р Лозанче.

Филип сега е пред своите предизвици, исправен кон нови спортски и животни успеси. Нему животот му покажа повеќе лица, ама најважно дека надежта и волјата се најважни. Тие им се важни и на докторите во Клиничката болница „Аџибадем Сиситина“ за кои грижата за пациентите е најважна.