fbpx

По два месеца престој во болница, си одиме дома со полни раце радост

11.06.2019

„Кога ни самата не можев да се погледнам во огледало од тага, кога бојата на косата стануваше поседа отколку што ми беше, кога солзите течеа без престан, кога зелениот мантил се заврзуваше веќе со затворени очи од навика, никој не беше похрабар и посилен од вас кога ми ја отворавте вратата секој ден одново и одново 53 дена за да ги видам бебињата на кои им станав МАЈКА… Ги гледавте моите солзи, а ги криевте вашите. СЕКОЈА ЧЕСТ ангели ЧУВАРИ за вашите пожртвуваност, борбеност, грижа и љубов. Ви благодариме од срце за сè што сторивте за нашите Искра и Ведрана“ – вака ја почнува својата емотивна приказна мајката на Искра, Маргарита Блажевска.

За среќа, миговите на неизвесност, исчекување и страв се веќе зад нив. Искра по двомесечен престој во Одделот за неонатална интензива нега сега е дома. Малото а борбено бебе е родено во 31. недела од бременоста, по вештачко оплодување по долгогодишната борба со стерилетот, со тежина од 1.060 грама.  Денес, 53 дена по престојот во интензивна нега, тешка е 2.000 килограми и должина од 42см.

„Животот понекогаш знае да биде опасен играч, удира таму каде што најмногу боли. И сè што си градел и на што си се надевал знае да го сруши за миг, само ако така наумил. Но, за среќа, ние имавме вистински луѓе покрај себе, прекрасни доктори, медицински сестри и персонал кои ни го докажаа спротивното.

Поклон до земја драги наши доктори.

Вие ценети луѓе она што го направивте за Искра и Ведрана (која веќе не е помеѓу нас) ни дава сила да се бориме и понатаму и да увидиме дека не сме сами во оваа животна битка. Животот ни приреди сценарио кое јасно ни го покажа тоа.

Кога од невозможното правевте возможно

Кога е здравјето на нашите деца во прашање, тогаш ние родителите сме комплетно немоќни. Јас и мојот сопруг бевме тотално немоќни. Само трепнуваш и повеќе ништо не е исто. Но, за наша среќа, тука беа докторите од Клиничката болница „Аџибадем Систина“, кои направија сè, буквално сè. Невозможното го направија возможно и опипливо. Искра е доказ за тоа. Нивната посветеност, знаење и искуство ни даваше постојано храброст да се бориме и се соочиме со секој предизвик во овие два месеца. Сестрите од одделот, пак, будно и секојдневно бдееја над Искра и ја продолжуваа борбата. Беше тоа тим од луѓе кои за нас се ангели, борци и на крајот испаднаа наши херои. Искра е целосен доказ за тоа.

Повеќе ние не сме истите какви што бевме – мали, скршени, беспомошни и благодарение на тимот од доктори и сестри и на болницата „Аџибадем Систина“, ние денес сме силни родители.

Изразуваме огромна благодарност најпрво за д-р Слободан Лазаревски (нашиот прв херој) кој го направи ИВФ – процесот и кој беше успешен уште во првиот обид и овозможи да тргнеме понатаму. Нема сомнеж за неговата стручност и подготвеност во тоа да им овозможи на младите луѓе да станат родители.

Вториот херој е нашиот гинеколог д-р Павле Димчев, кој ја водеше бременоста. Нема доволно големи и пофални зборови за неговите посветеност и стручност . Неговата грижа за сите нас беше голема.

Во синџирот херои е и д-р Душко Фидановски, нашиот педијатар и голем човек. Тој беше човекот кој направи овие 53 дена да бидат помалку болни, стресни и ни овозможи Искра да ја донесеме дома. По 53 дена конечно си заминавме со полни раце радост. Д-р Фидановски, Ви благодариме од срце. Вие бевте сведок на секоја наша солза, а вашите убедувања дека еден ден овие солзи на крајот ќе бидат солзи радосници излегоа вистинити.

По 53 дена агонија, повторно насмевка на нашите лица

Во тие денови на агонија и голгота, страв и солзи поддршка ние беа сестрите, ангелите од одделот. Најтешко ни беше кога си одевме дома со празни раце, а нашите деца остануваа во болница. Одделот за неонатална интензивна нега стана наш дом два месеца, а сестрите наше семејство. Споделените прегратки, солзи, насмевки и совети никогаш не се забораваат. Ви благодариме од срце драги наши борци. Договорот дека ќе бидете гости на секој важен, голем настан од животот на Искра останува. Премногу ни значи сè она што го сторивте за Искра. Во хероите го сместувам и д-р Ристо Симеонов. Човек кој прави чуда, прави буквално сè за овие мали души да победат во битката и да успеат во животот.  Д-р Симеонов, кој направи сè и беше со нас во една од најтешките ноќи. Големо благодарам и за д-р Радица Муратовска, која беше со нас и Ведрана во последните часови. Таа беше со нас рамо до рамо во тешката ноќ, давајќи ни сила за понатаму. Благодарност изразуваме и до доктор Палчевска и докторот Христовски.

Толку многу ни значи сè што го направивте за нас. 53 излезе дека е „одлична” бројка која овозможи почеток на едно патување и долго пријателство. Огромна благодарност и до сите хумани граѓани и до фондацијата „Илија Камчев“, која донираше 1.000.000,00 денари за лекувањето. Ви благодариме што сте дел од нашата среќна приказна, ни објасни Маргарита.

Солзите сега се заменети со среќа. Гордите родители Маргарита и Бранко Блажевски со нетрпение очекуваа медицинските сестри од одделот да ја подготват малата за одење дома. А пред вратата на интензивната нега љубопитно чекаше малата Ања, нејзината братучетка.  Тимот на „Аџибадем Систина“ ја испрати Искра да ужива во прегратките на мама и тато.

Искра, имај безгрижни детски денови и осветли го животот на мама и тато.

Тимот на  „Аџибадем Систина“ е тука за тебе и ќе те следи.