fbpx

Пластика или не

28.05.2019

Нема ден а луѓето да не расправаат кој што оперирал и дали таа убавина, бидејќи не е автентична, има вредност како онаа од „мајката природа“. Во секој случај, сè повеќе ги има оние кои сопствените успех и убавина ги должат на „татко пластичар“, па така прашањето за тоа дали некој имал или немал пластична операција станува едно во низата лажни определби околу кои луѓето се расправаат. На тој начин, виртуелните маси неретко склони кон каменување едвај чекаат да линчуваат некого кој има некаква пластика, вештачко ова или она, вбризгано ова или она… за потоа, неретко во ист манир, да ги навредуваат и сите  жени кои не ги користеле благодетите на пластичната хирургија за да бидат поприфатливи според општите стандарди. А ако се открие дека, сепак, има автентична убавица која ништо не оперирала, тогаш неа ќе ѝ замерат дека е глупава… природно! Оваа поучна статистика за навредување жени за сè и сешто – од изгледот до годините, брачната состојба, потеклото итн. е едно добро наравоучение дека што и да правиме, тоа би требале да го правиме поради себе, а не поради другите.

Затоа што ако сами на себе не сме си по кеиф, нема да им бидеме ниту на другите, вечно слушајќи го ехото на другите гласови, кои де факто не ги ни интересираме, освен како моментален трач и празнење низ оговарање. А кога некого оговараме, ние де факто објаснуваме колку сме подобри од таа личност.

Затапени од караници и конфронтации, не сфаќајќи дека секој став е легитимен личен избор, сфаќаме дека во современиот виртуелен свет осудата стана секојдневие.

Кој што и да одлучил, тоа е негов избор и никој нема право да го осудува за тоа, било да ги пегла брчките, вградува силикони или одлучил да не ги прикрива знаците на старост, вишокот или недостигот на килограми. Тоа е право на избор поврзано со сопственото гледиште на среќата.

Но во дуалниот свет ние секогаш сметаме дека сме наследници на правото на исправен став и така во занесот на правдољубивоста на сопствената илузија на егото, мошне лесно го осудуваме другиот поради нешто што нас воопшто и не нè засега.

Но, на крајот, сето тоа е само една социјална игра во која луѓето, празнејќи ги своите фрустрации, сметаат дека ќе им биде полесно ако некого повредуваат поради физичкиот изглед, како да се деца во основно училиште. Како наравоучение – ние никогаш нема да бидеме по вкусот на сите, никој не е аболиран од суровост, па токму вистинскиот избор  е затоа да го правиме она што нè прави среќни. Во светот на несовршеноста, да можеш да видиш квалитет во секоја личност е речиси совршенство.

Човекот кој може да го прости несовршенството на друга личност и во неа и покрај сè да го види Божјиот одраз е човек кој и себе си ги простува сопствените лимити и не робува на мегаломанијата на сопственото его. Да, тоа е една од главните лекции на оваа димензија – прифаќањето на она што навидум ни е неприфатливо. Ако во тоа дополнително пронаоѓаме смисла и убавина, тогаш сме на чекор од тоа да станеме сопствена најдобра vortex-верзија. Затоа што, на крајот, човек на човека не му е волк туку огледало и секој го гледа само она што е во него. Прифаќањето е почеток на секое надминување на сопствените илузии, а да видиш нечија душа зад силиконите, седата коса, вишокот килограми или длабокото деколте и годините е прашање на тоа колку самите веруваме во илузијата на материјалното, посебно денес кога современата физика ни објасни колку малку процентуално има материја во материјалниот свет и дека сето тоа е енергија. Затоа, ве заболе кој што зборува. Чувството на сопствено задоволство и радост е почеток на зрачење на добра вибрација, што и да е нашиот избор. Значи, одговорот секогаш е антиномија – и да и не – истовремено да бидеме борци за која било од идеите па дури и на онаа за пластика и на онаа против. Прави си, брате мил, како што мислиш, само не ги слушај гласовите на толпата.