fbpx

Петтото ИВФ ни ја донесе нашата најголема радост

13.08.2019

По четиригодишна борба, 4 неуспешни инсеминации, 2 хистероскопии и 4 обиди за ИВФ, петтото ИВФ ни ја донесе нашата радост, среќа, нашето сонце, нашата ќерка Михаела, која нè грее од 12 јуни, благодарение на д-р Митко Ивановски. Оваа убавина ги избриша сите страдања, разочарувања, солзи, болка кои беа присутни во текот на трнливиот пат што го поминавме.

Битката ја водевме 4 год, во 3 клиники (две кај нас и познат ИВФ-центар во Прага) кои беа со добра референца за успешни ИВФ, а за нас беа неуспешни и болни. По секој неуспех се прашував зошто ни се случува ова токму нам. Пред секој нов циклус влегувавме полни со енергија, позитива, самодоверба, ентизијазам и уверени дека вложениот труд ќе ни донесе успешно ИВФ. Со нетрпение ги чекав деновите кога требаше да се направи B-HCG а потоа тага, голема болка, очај и прашањето што си го поставував – Каде грешам?

На големата болка, дополнителна тежина ми создаваше целата хормонска терапија што ја примав во текот на еден циклус. Сега се прашувам каде ја наоѓав силата да се вратам во секојдневниот живот и да ја потиснам празнината што ја носев длабоко во себе.

Кога сфативме дека обидите по природен пат ни се без успех, се одлучивме да побараме стручна помош. Се обративме во позната клиника со препорака за успешен доктор за проблем со стерилитет кој ќе ни помогне во остварување на нашата желба да имаме дете. Следуваа неколку испитувања кои требаа да бидат направени од моја страна, со надеж дека добиените резултати се во ред и едвај чекаш да дојде денот кога ќе биде направена првата инсеминација, па втората, третата. Докорката која ме водеше во процесот на инсеминациите не посвети внимание на големиот септум што го имав, поради кој изведените инсеминации беа неуспешни.

Сменивме клиника, со мисла дека со првото ИВФ ќе си ја исполниме нашата желба да имаме дете. Но не беше така. Се редеа неуспешните ИВФ, а со тоа и разочарувањето се зголемуваше. Докторите кои нè водеа пред секоја подготовка за нов ИВФ-циклус ги прашувавме да не сме пропуштиле да направиме некое испитување. Одговорот секогаш беше негативен. Сите анализи и испитувања ги правев на моја иницијатива, своеглаво, читајќи искуства на парови кои поминале низ приказната што ние ја поминувавме.

Откако резултатот од ИВФ-обидот во Прага беше негативен, по долго размислување и консултации одлучивме да закажеме разговор со д-р Митко Ивановски од Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Гледајќи ги предизвиците низ кои сме поминале, д-р Ивановски со своите позитивен дух, спонтаност, смиреност, пријателски однос, стручност ни ја врати надежта дека и ние ќе бидеме дел од неговите успешни ИВФ-приказни.

И тоа се случи на 29.10.2018, по 4 години борба добивме позитивен резултат за бременост. Администраторот во клиниката „Аџибадем Систина“ нè остави без зборови кога ни го соопшти резултатот. Бевме во шок. Неверување. Отидов до таму што не поверував во точноста на резултатот, па побарав да го повторам тестот. 🙂 Откако прокрвавев во почетокот на бременоста, остатокот го поминав во страв да не се случи нешто со плодот, воопшто не бев опуштена, приземјена, без радост и насмевка по секој редовен скрининг. А плодот одлично си напредуваше, соодветно за секоја гестациска недела.

Поддршката што ја имав во текот на целата бременост од страна на докторот беше голема. Секогаш достапен за сите прашања кои може да ѝ паднат на памет и стравови кои редовно се јавуваат кај секоја трудница. На секој преглед докторот се радуваше за растењето на плодот и уредниот тек на бременоста.

Во 37. недела од бременоста, во еден топол сончев ден, на 12.06. со мојот сопруг станавме родители на здраво женско дете. Ја добивме Михаела. Д-р Ивановски со неговиот тим направи раѓањето на нашето дете да помине во најдобар ред и ни ја исполни желбата да го доживееме најемотивниот и најубавиот настан во нашите животи.

Од нашето досегашно искуство слободно можам да споделам дека д-р Ивановски од Одделот за асиститрана репродукција во „Аџибадем Систина“ го има најдобриот ИВФ-тим: ембриолози, анестезиолози, медицински персонал. Нивната позитивна енергија, блискиот и непосреден однос кој го воспоставуваат со пациентите, нивното искуство ми овозможи со леснотија да ја поминам целата ИВФ-постапка.

Писмово го пишувам за да ја споделам нашата приказна, трнливиот пат што го поминавме во овие 4 години за да добиеме дете. Она што нас нè мотовираше да не се откажеме од тешката борба беа успешните приказни што ги читавме и слушавме и кои ни даваа надеж дека и ние еден ден ќе ја испишеме убавата приказна со среќен крај.

Се гледаме за второ 🙂

МР.